Онколошки пациенти денеска се појавија пред собраниската Анкетна комисија и сведочеа за нивните искуства на Клиниката за онкологија. Потврдија дека имало недостаток на цитостатска терапија и дека ја загубиле довербата во лекарскиот тим. Дел од нив се лекувале приватно бидејќи се сомневале во квалитетот на лековите. Порачаа дека како што има пари за повисоки плати мора да има пари за цитостатска терапија.
Со сведочење на онколошки пациенти членови и основачи на групи и здруженија денеска продолжи со работа собраниската Анкетна Комисија за скандалот на Клиниката за онкологија.
Прва пред пратениците зборуваше Македонка Икономова – Давчева еден од основачите на групата „Љубов сме“ која на социјалната мрежа „Фејсбук“ брои околу четири и пол илјади членови.
Таа го опиша своето искуство на Клиниката, но и искуствата на неколку други членови и потврди дека се соочувале со недостаток на биолошка терапија и дека по избивањето на скандалот се јавила недоверба кон медицинскиот тим.
Им порача на членовите на Комисијата дека пари за цитостатска терапија мора да има.
Даријан Петров, од здружението „Одговорност“, сведочеше низ што се минувале како семејство пред неговата мајка, лекар по професија, да ја загуби битката со канцерот. При самата дијагноза во 2015 година добиле совет да се лечат на приватна клиника поради сомнителниот квалитет на терапијата а потоа во 2019 година се соочиле со недостаток на Клиниката за онкологија.
На седницата на Комисијата пред пратениците предвидено е да се појават и народниот правобранител Насер Зибери и Калина Гривчева – Старделова претседател на лекарската комора.
Огнен Чанчаревиќ











