Градилиштето кое предизвика сериозно оштетување на коловозот, тротоарската површина, канализационата мрежа и уличното осветлување на булеварот „Теодосиј Гологанов“ во близина на Католичка црква се оградува со ленти за да се овозможи движење во непосредна близина на оштетениот простор.
Дел од едната коловозна лента на булеварот останува оградена со столпчиња, а од МВР се чека информација дали тие дале одобрение за вакво сообраќајно решение. На местото ја нема таблата со името на инвеститорот и фирмата која гради.
Копањето на дупка за нова зграда, предизвика свлечиште на земјата, кое предизвика големи штети – беше затрупан багерот, оштети делови од тротоарот и улицата, а падна и бандера кврз паркирано возило .
Според информации на Телма, градежниот испектор на општина Центар е на боледување, а градежниот инспектор од општина Кисела Вода со која имаат меѓуопштинаска соработка не бил во државата. Општина Центар помош побарала од Државниот градежен инспекторат и од Градежниот факултет кои треба да утврдат колкав е степенот на оштетување и што треба да се преземе.
Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски синоќа соопшти дека „веднаш се изречени најстроги законски казни и санкции кон инвеститорот“, но денеска не можеше да каже за колкава казна се работи. За Телма посочиа дека детално сопштение ќе испратат во тeкот на денот, а се чекаат наодите од Државниот градежен инспекторат и Градежниот факултет.











