„Какви мерки ќе преземе државата по трагедијата во Кочани, такви ќе бидат реакциите на граѓаните“, вели Гордана Ристевска Димиторвска, психијатар и професор на Битолскиот Универзитет. Додава дека довербата во системот е комплетно изгубена и ќе треба долго време и многу работа и на властите и на службите за ментално здравје да се врати надежта, но и чувството на сигурност.
„Тоа ќе зависи и како државата е се справи со ова и од правен аспект, кои промени ќе се случат понатаму во општеството. Народот ќе реагира на тие мерки. Ако не е задоволен, може гневот да се зголеми. Ако мерките се соодветни, природно е гневот да спласнува“, вели Гордана Ристевска Димитровска, психијатар и професор на Високата медицинска школа- УКЛО Битола.
„Се уште сме во првата фаза на шок, тага и гнев, а потребата од психосоцијални интервенции е огромна. Неопходно е да се разговара, луѓето да не ги потиснуваат емоциите и да се уважи сечие мислење“, велат стручњаците.
„Емоциите ги гледаме, тоа е страв за сопствената безбедност, страв за сигурноста. Но, она што сакаме да поттикнеме се тие здрави сили во личноста за да можеме да излеземе од оваа ситуација најдобро што знаеме“, вели проф.др. Драгана Батиќ, психолог и професор на Факултетот за безбедност на УКЛО.
Психолози, педагози, социјални работници од битолските училишта, Центарот за јавно здравје и други колективи се обучуваат како да и помогнат на заедницата да се справи со траумите кои се последица на оваа голема трагедија. Од психолошкото советувалиште на УКЛО-Битола, кои се организатори на работилницата, велат дека иако населението од Пелагонискиот регион не е директно погодено, сепак сите сме засегнати од ситуацијата.
Емилија Мисирлиевски











