Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Ќе расправа ли Собранието за интерпелација на претседателот на Уставен – „виси“ точката на Дневен ред

/

пред 469 дена

Сподели преку :

Најголемиот дел од пратеничките групи се во голема дилема – дали Собранието треба да расправа за интерпелација на работата на претседателот на Уставниот суд?! – Иницијативата дојде од опозицијата од албанскиот блок која го обвинува Костадиновски за прекршување на Законот за употреба на јазиците. Во членот 72 од Уставот пишува дека интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи. Но, на координација на пратеничките групи, на којашто не присуствувал и координаторот на Европскиот фронт, преовладал ставот дека не е добро Собранието да врши интерпелација на претседателот на Уставен кој е избран од другите уставни судии. За ова информираше спикерот на денешниот брифинг со медиумите. Гаши изрази и сомнеж дека на самата седница некој ќе побара да биде тргната таа точка од Дневен ред. Но, кој ќе го повлече тој потег засега е непознато. Од мнозинството велат дека сѐ уште немаат изграден став.

„Претседател на Уставен суд си го бираат самите уставни судии, сѐ уште немаме разговарано на таа тема како пратеничка група да видиме што и како. Меѓутоа сме имале и досега во минатото случаи каде што се изгласувала интерпелација за некој одреден функционер посебно од делот на судството каде што гледаме каков е епилогот. Сметам дека треба да ги држиме настрана рацете од судството и самите да одлучат, а тоа што е став според работењето или неработењето на уставните судии, треба сите заедно да го донесеме“, изјави Игор Здравковски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Европскиот фронт недвосмислено прашуваат – како важат двојни аршини кога е во прашање судството?! – Илир Хасани, кој ја поднесе иницијативата за интерпелација, вели дека опозицијата сака да слушне какви аргументи има во корист на работата на Костадиновски, кога ДУИ нотира крупни прекршувања од негова страна.

„Ако интерпелација на работата на претседателот на Уставен суд е мешање во работата на судството, тогаш како случувањата со Судскиот совет не се исто така мешање?! Интерпелацијата е механизам кој нѝ овозможува да ги повикаме да дадат отчет сите функционери. Костадиновски направи крупни прекршувања, особено со непочитувањето на Законот за употреба на јазиците“, вели Илир Хасани, пратеник од Европски фронт.

Од Уставниот суд досега веќе јавно се произнесоа дека самостојноста и независноста на Уставниот суд и судиите имаат најсилна уставна гаранција, а овластувањето на Собранието завршува со нивниот избор.

Петар Догов