Му слугувал на Палчо, се плашел од него, во телефон го меморирал како Царот. По отстранувањето на Палевски од судницата, Влатко Кешишев раскажа сè за грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Адвокатот на обвинетиот Влатко Кешишев, на денешното рочиште за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, рече дека неговиот клиент се плаши да сведочи пред Палчо. Откако Палевски беше отстранет од судницата, Кешишев раскажа како тој, заедно со Палчо, Велибор Манев и Боре Видевски ги грабнале и ги убиле Жежовски и Ѓорчевска.
Според неговиот исказ, не бил директно вклучен и не сведочел на грабнувањата и убиствата, туку чекал во кола или чувал стража. Се разговарало само за киднапирања, а не и за убиства.
Кога било грабнато девојчето, чекал во кола, а кога било убиено, чувал стража. Знаел дека се работи за грабнување заради изнуда на пари, но рече дека не знаел за кого се работи. Дознал од Фејсбук, откако се вратиле. Рече дека не го познавал таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање во киднапирањето.
Кога девојчето било убиено во близина на селото Бразда, Кешишев чувал стража. Рече дека слушнал истрел, а потоа го викнале да помогне во закопувањето, но не го видел телото зашто веќе било делумно затрупано.
„Не напаѓам никого, не се бранам, кажувам како беше. Стоеја и разговараа. После кога се завртев гледам дека почнаа да копаат. Последниот пат кога се свртев, Палчо во рака држеше пиштол. Тоа јасно се гледаше, бев далеку 20 метри. Се свртев да гледам кон патот да не наиде некој и слушнав истрел, пукање, ама некако тапо. На крајот ме викнаа да побрзаме за да се затрупа телото“, рече Кешишев пред судот.
Палевски, кој е обвинет како организатор и директен извршител на убиствата, потоа ги исчистил лопатите и копачот со ВД-40 и ги фрлиле во грмушки.
Претходно, Кешишев призна и дека учествувал во грабнувањето на велешанецот Панче Жежовски со чиј автомобил Цитроен подоцна била киднапирана Вања Ѓорчевска во Скопје.
Чекал во кола додека останатите тројца обвинети го грабнале и го однеле кај дупката која две години претходно ја ископале тој и обвинетиот Велибор Манев. Кога ја копале дупката, мислел дека копаат злато. Не сведочел на убиството, за кое, како што рече, дознал подоцна истиот ден.
Кешишев, кој според исказите, му слугувал на Љупчо Палевски Палчо во партијата Десна, претходно напиша изјава во која негира учество на Палевски во случајот, но после ја повлече и рече дека ја напишал под закана од Палевски во полициското комбе додека ги возеле од притвор во суд. Палчо во телефонот на Кешишев бил мемориран како Царот.
„По навика му бев послушен. Палчо ми кажa да не зборам многу, да ќутам и да бидам настрана“, рече Кешишев пред судот.
Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се обвинети дека прво го грабнале, а потоа и го убиле Панче Жежовски од Велес, кого го закопале во претходно ископана дупка во велешко. Потоа го зеле неговиот автомобил Цитроен и пет дена подоцна со него ја киднапирале Вања Ѓорчевска од влезот во нејзината зграда во Скопје. Ја ставиле во вреќа за спиење во гепекот и ја однеле во скопското село Бразда, каде што уште истиот ден Палчо ја убил и ја закопале. Таткото на Вања Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето, со тоа што им дал информации на обвинетите кога девојчето ќе излезе од дома.
Срѓан Стојанчов











