Случајот „Диамед“, во кој едно лице е обвинето за перење пари, и во кој сѐ уште има над осум милиони евра замрзнати на сметка во Кнежевството Монако, е пред крај. Но, во рамките на овој случај, со кој се поврзува и концесија за вршење дијализа, како и грижата за бубрежно болните во државата, има уште неколку судски предмети во кои, финансиското разузнавање гони адвокати и нотари, кои не ги пријавувале сомнителните трансакции.
Судот некои ги осудува, некои ги ослободува од глобите за прекршоци во борбата против перење пари. Уште попоразителни се условните пресуди, кои судот ги изрекува за оние што перат пари, открива КОД во своето вечерашно издание. Целата емисија е на линкот доле.
Две правосилни пресуди за адвокати опфатени во случајот со продажбата на Дијамед се завршени. Како што КОД веќе објави во своето истражување од 6-ти октомври 2019-та година Управата за финансиско разузнавање оценила дека 6-мина правници со јавно овластување, 2 адвокатски друштва, адвокат, и тројца нотари не ги извршиле своите законски обврски за спречување на перење пари. Финансиско разузнавање им пишало налози за порамнување на казните, но сите 5-мина, оставиле прекршочните налози да им ги потврди или отфрли судот.
И таму има различни одлуки, две се веќе правосилни, а резултатот меѓу Финансиско разузнавање и Адвокатите е нерешен 1:1. Три се во постапка на жалба пред Апелација откако исто така прекршочниот оддел во Кривичниот суд донел различни пресуди, за една скопска нотарка, судот донел ослобоодителна од прекршокот, за адвокатско друштво и нотар пак кривичниот суд ги прифатил прекршочните налози и ги казнил правниците со јавни овластувања. За една пензионирана нотарка се уште нема ни првостепена пресуда.
Кога побаравме увид во предметите во кривичниот суд добивме дозвола само за правосилните одлуки. Не интересираше зошто во предметот Дијамед, судот различно одлучува за адвокати и за нотари кои според Управата за финансиско разузнавање не си ја завршиле обврската за спречување на перење пари.
Во статистиката за случаи со перење на пари всушност утврдивме дека овие случаи, почесто завршуваат со условни судски пресуди, отколку да бидат изречени затворски казни.
Лани например имало истраги за перење пари против вкупно 46 лица, а за 27 од нив истрагите се уште траат. На обвинителна клупа стигнале 13-мина, а само двајца добиле затворска казна додека 6-мина завршиле со условни пресуди за перење на пари направени со криминал.
Апелација дополнително на уште еден осуден му ја преиначила затворската со условна пресуда, па така цела 2021-ва Македонија има само една затворска пресуда за перење пари.
Слабиот резултат на суд се поправа единствено со пресуда за конфискација на земјиште вредно околу 1, 8 милиони денари или помалку од 30 илјади евра кое е одземено од двајца што переле криминални пари.
Миомир Серафиновиќ











