Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Кои се преостанатите руски дисиденти? – Четири имиња се издвојуваат по смртта на Навални

/

пред 977 дена

Сподели преку :

Во петокот, во затвор во казнена колонија во Сибир, почина рускиот опозициски политичар Алексеј Навални. Извештаите велат дека наводно му се слошило при утринска прошетка и загубил свест. Лекарите се обиделе да го реанимираат, но безуспешно.

Од непознати причини, Навални беше сместен во самица на 6 февруари. И тоа по 26-ти пати, откако беше затворен пред три години. Во 2020 година за малку избегна смрт со труење за што ги обвини руските оперативци кои, како што веруваше, делуваат по налог на претседателот, Владимир Путин.

Беше приведен на 17 јануари во 2021 година на аеродромот во Москва по враќањето од Германија каде се лекуваше. Тогаш беше осуден на две и пол години затвор поради кршење на предвременото условно пуштање на слобода. Во март во 2022 година доби уште девет години затвор за наводно непочитување на судот за време на лекувањето во странство. Во август во 2023 година, судот му ја зголеми затворската казна на 19 години и го испрати во установа со „строг и посебен режим“.

Минатиот месец беше испратен во затворот Поларен волк кој важи за еден од најстрогите во рускиот затворски систем.

По смртта на Навални се издвојуваат четири имиња на руски дисиденти.

Иља Јашин

Московскиот суд во 2022 година го осуди Јашин на осум и пол години затвор за наводни известувања за злосторства кои ги направиле руските сили врз украински цивили во градот Буча во близина на Киев. Тој беше уапсен во јуни во 2022 година и доби 15 дена затвор за „непослушност кон полицијата“.

Јашин е активист на руската либерална опозиција од 2000 година и учествуваше во големите протести против Владимит Путин во 2011 и во 2012 година. Важи за сојузник на Навални.

Владимир Кара-Мурза

Лани судот во Москва го осуди Владимир Кара-Мурза, еден од најгласните критичари на Путин, на 25 години затвор. Покрај тоа, британскиот-рускиот дисидент е осуден и за велепредавство. Прогласен е за виновен дека ширел „лажни информации“ за руската војска и дека одржувал врски со една „непожелна организација“ на крајот на судењето зад затворени врати.

Јулија Навална

При обидот за ликвидација на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални, неговата сопруга Јулија тогаш почна епска битка за спасување на неговиот живот и стана лице на отпорот против Владимир Путин. По смртта на Навални, таа порача дека ќе продолжи со работата на Алексеј за чија смрт го обвини Владимир Путин.

Навална е родена како Јулија Борисовна Абросимова на 24 јули во 1976 година во Москва во семејство на научникот Борис Александрович Абросимов (1952 – 1996 година). Дипломираше на факултетот за меѓународни економски односи на Руската економска академија Плеханов. Еден период беше вработена во Московската банка.

Алексеј Навални во запозна во летото во 1998 година додека беше на одмор во Турција. Три години подсоцна се венчаа. Во 2001 година ја добија ќерката Дарија, а во 2008 година и синот Захар.

Михаил Ходорковски

Поранешниот олигарх и некогаш најбогат човек во Русија, Ходорковски, денеска е еден од најистакнатите дисиденти и голем критичар на рускиот претседател Владимир Путин.

Човекот, во 90-тите години на минатиот век стекна големо богатство низ сомнителни приватизации, руска анархија и добро ја познава руската политичка елита, е убеден дека Путин е на пат да го одведе во смрт.

Прогласен е за странски агент и од 2015 година се наоѓа во егзил во Лондон. Претходно, од 2003 година до 2013 година, мина во затвор во Русија. Причина беше политички конфликт со Путин кој во 2000-та година ја освои власта во Русија. Како еден од највлијателните руски бизнисмени во 90-тите години од 20-от век, сопственикот на компанијата ЕконМобил, јавно говореше за корупцијата на Путин.

Се шпекулира дека „тежи“ околу 500 милиони долари.