Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Корупциски скандал со проширена истрага во правосудството – екс-правобранителот Стафа осуден, обвинение за судијата Ристов

/

пред 172 дена

Сподели преку :

Казна затвор од година и три месеци доби адвокатот и екс-државен правобранител Фехми Стафа, обвинет за примање награда за противзаконито влијание. Пресудата следува откако тој ја призна вината и склучи спогодба со обвинителството. Случајот е поврзан со обид за влијание врз судијата од Апелација, Ѓоко Ристов, за да издејствува укинување на мерка притвор за клиентот на Стафа, Љупчо Пецов – Ѓаволот.

Од ОЈО велат дека со прифаќање на предлог-спогодбата, сега осудениот екс-правобранител Стафа ги потврдил наводите во обвинението, согласно кои побараните пари биле со намена поткуп за да влијае врз апелацискиот судија. Предметот во кој требало да изврши влијание за 50.000 евра е за Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој беше недостапен за органите на прогонот. Тој повеќе од две години се криеше во Бугарија и Македонија, бидејќи избега пред истрагата во која беше осомничен за даночно затајување од над милион евра. 

„Врз основа на постигнатата предлог-спогодба во која беа земени предвид сите отежителни и олеснителни околности, Основниот кривичен суд Скопје вчера изрече пресуда со која го осуди обвинетиот на ефективна казна затвор од една година и три месеци за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од член 359, став 7, од Кривичниот законик“, информира Јавното обвинителство.

Поврзано со случајот, но за друго кривично дело, има истрага во која е осомничен апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против него, откако во домот на неговите родители беа пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид.

„Од поведувањето на постапката, јавниот обвинител презеде повеќе дејствија со кои обезбеди цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства, со што се потврдија елементите кои го исполнуваат битието на кривичното дело – Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а. Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, се обезбедија докази кои укажуваат на обележја и на кривичното дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик“, се додава во соопштението на Јавно обвинителство

Во јануари годинава, во куќата на родителите на Ристов во Неготино беа најдени 350.000 евра заѕидани во ѕид во кујна. На судијата му беше определен домашен притвор. Подоцна во постапката, родителите на Ристов тврдеа дека се нивни пари, имаше информации и дека лозарството било извор на тој приход.

Но, адвокатот на осомничениот судија наведе дека станува збор за средства добиени од продажба на имот на правно лице за поставување на фотоволтаици и соларни панели. Но, во случајот не се осомничени родителите, туку синот-судија и тогаш му беше определен куќен притвор. Од штипска Апелација за Телма, денеска потврдија дека продолжена му е таа мерка.

Петар Догов