Тетовската полиција поднесе кривична пријава до обвинителство против вкупно четири лица за престрелката меѓу две групи во неделата во населбата Блок 82, при што убиен беше 46-годишник, а повеќе беа ранети и повредени. Судот во Тетово одреди 30-дневен притвор, а по две лица се трага.
Убиство, неовластено држење оружје и тешки дела против општата сигурност се кривични дела за кои се терети 15-годишникот од Гајре, како и 37-годишен тетовчанец со иницијали Р.Т од, условно речено, другата страна.
Кривичните дела„ убиство во обид“, „неовластено држење оружје“ и „тешки дела против општата сигурност“ им се ставаат на товар на 45-годишниот М.Т. од Тетово, инаку брат на 37-годишникот, како и за З.М. (37) од Гајре, кој е стрико на малолетникот.
Тетовецот на 45 години и 37-годишниот од Гајре се во бегство и полицијата трага по нив.
„За сите осомничени од страна на надлежен судија е одредена мерка притвор од 30 дена, М.Т. и З.М. се во бегство и се преземаат мерки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода“, соопшти МВР.
Во неделата, малолетникот и неговиот стрико почнале да пукаат со автоматски пушки кон автомобил „голф“, па го погодиле сега покојниот, 46-годишник кој бил на возачкото седиште. Два проектила завршиле во градниот кош на совозачот Р.Т. кој беше однесен на болничко лекување.
Од испуканите куршуми ранети беа и случајни минувачи, 12-годишно девојче кај кое куршум стигнал до надколеничната коска, како и 32-годишно лице повредено во градниот кош. При движење на едно од возилата, е удрен и повреден 60-годишен пешак, случаен минувач.
Александар Самарџиев











