Уште еден директор на училиште заработи кривична пријава, бидејќи набавил лажен сертификат за положен англиски јазик. Станува збор за поранешен директор на основното училиште „Гоце Делчев“ во струшкото село Подгорци, а Телма дознава дека се работи за лажен сертификат кој наводно бил набавен од Албанија од филијалата на Британскиот совет во земјата.
ОВР Струга поднесе кривична пријава против В.М. (40) од струшкото село Корошишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. Пријавениот, директор на основно училиште во струшкото село Подгорци, набавил лажен сертификат за положен англиски јазик од филијала лоцирана во една соседна земја и го употребил во прилог на документи за избор на директор. По извршени проверки, добиен е одговор дека лицето не е регистрирано во базата на податоци и евиденции во филијалата.
Инаку, ова не е прв поранешен директор од ова училиште да биде откриен дека не исполнувал услови за функцијата која ја извршувал. Лани во декември беше поднесена и кривична пријава против актуелниот градоначалник на Струга, Рамис Мерко за „несовесно работење во службата“, бидејќи именувал библиотекар за директор на основното училиште „Гоце Делчев“ во селото Подгорци.
Иако Мерко знаел дека библиотекарот немал соодветно образование и не исполнува повеќе услови, најмалку пет години работно искуство во училиштето, не го положил испитот за директор во утврдениот законски рок, немал приправнички стаж и не поседувал соодветен сертификат за познавање на англиски јазик, го назначил за в.д. директор на училиштето.
Владата во меѓувреме побара законски измени со кои ќе треба да се избришат условите за поседување на јазичен сертификат за вршење на директорски и управни функциии во државните институции.
МВР има истражни активности за околу 500-тини јазични сертификати за сомнежи дека се фалсификувани. Обвинителството сè уште чека одговор од Бугарија во рамки на предистрага за директорот на АНБ, Бојан Христовски по анонимна пријава за неговиот ТОЕФЛ сертификат издаден во училиштето „Јулија“ во Пловдив кое не постои на посочената адреса и ја избриша својата ФБ страница.
Марија Митевска











