Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Лекарите со поддршка за предлог законот за пушење, здруженијата со петиции за казни за фрлен отпушок

/

пред 261 дена

Сподели преку :

Предлог законот за заштита од пушење доби поддршка и од лекарската комора. За лекарите, ова не е политичко, туку животно прашање, бидејќи станува збор за здравјето и заштитата на граѓаните, пред сè, на децата, на младите и на ранливите категории. Од комората велат дека докторите секојдневно ги гледаат последиците и уверуваат дека строгото спроведување на законските мерки ќе значи помалку хоспитализации и повеќе спасени животи.

„Кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, хроничните белодробни состојби и бројни други здравствени проблеми директно или индиректно се поврзани со пушењето и претставуваат сериозен товар и за поединецот и за здравствениот систем. Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, значително ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници на овие производи, ефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање здрава животна и работна средина“, велат од Лекарската комора.

Во меѓувреме, проблемот со отпушоците добива и безбедносна димензија. Здружението на граѓани „За почиста Македонија“ испрати петиција со над 1.000 потписи до Владата и до МВР. Бараат системот „Безбеден град“ да детектира и казнува фрлање отпушоци од возила. Отпушокот не е ситница, тој е загадувач, но и потенцијална искра за пожар, вели Марко Џамбазоски.

„Но, покрај естетскиот проблем, тука имаме и еколошки проблем. Еве да го земеме отпушокот како најчест отпад кој што го наоѓаме по улиците тој има премногу токсични материи кои што ја загадуваат и почвата и водата и потребни се многу години за да се разгради тој отпушок, затоа што содржи многу микропластики. Исто така, ова е закана и за јавната безбедност. Да не заборавиме дека во Македонија имаме огромен број на пожари во текот на годината, а еден од најчестите причинители е токму фрлениот отпушок од несовесни граѓани“, вели Марко Џамбазоски од здружението на граѓани „За почиста Македонија“.

Системот „Безбеден град“ засега може да регистрира само прекршоци утврдени со закон, а за да детектира фрлање отпушоци и друг отпад, потребни се законски измени, вели премиерот Христијан Мицкоски и додава дека без нив системот нема овластувања. Најави дека имплементацијата на „Безбеден град“ треба да започне од 1 февруари, но прво ќе следат почетни фази кои ќе траат неколку месеци, а потоа и проширување на надлежностите.

Симона Петровска