Ленче прва ја врати освоената награда за улогата на Трајанка во претставата „Ни ќар, ни зијан“, доделена од МТФ „Војдан Чернодрински“, зашто не беше награден режисерот. Ова го кажа актерот Благој Чоревски на комеморацијата за неговата сограѓанка од Битола, актерката Ленче Делова, со која играле, како што рече, во битолската младинска театарска група, а која почина на 15 февруари годинава, на 77- годишна возраст по кратко боледување.
„Нѝ доделија мислам за режија и ние сите ги откажавме. Тогаш Ленче одма прва кажа „ја враќам наградата!“. Ми беше чест што бев со неа, што можев да играм на сцената, на филмот, на телевизијата. Вечна загуба, македонскиот театар и Драмскиот се разбира, губи еден голем актер“, кажа актерот Благоја Чоревски.
Од Битола, Ленче дошла во Скопје на 16 години и дебитирала во претставата „Богомилска балада“ во 1965 година. До пензионирањето во 2004 година одиграла 63 улоги. Меѓу нив се Џенет во претставата „Фармерки“, Магда во „Јане Задрогас“, Франческа во „Рибарски караници“, Евдокија во „Солунски патрдии“, Марина во „Вујко Вања“, Менка во „Чија си“.
За улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ ја добила 13- Ноемвриската награда. Играше и во телевизиски и филмски проекти за деца и возрасни, како што се „До балчак“, „Пред дождот“, „Итар Пејо“, „Салон хармони“, Чук, чук, Стојанче“, „Ајде да се дружиме“, „Опстанок“, „Во светот на бајките“.
Во телеграмата со сочувство, претседателката Силјановска- Дафкова вели дека Делова преку улогите се вградила во нашата колективна меморија.
„Нејзините сценски интерпретации се одликуваа со автентичност и психолошка суптилност, добрина и природност. Со што упатуваше и успеваше да интерпретира ликови кои остануваат трајно врежани во колективното сеќавање на публиката“, се вели во телеграмата со сочувство од претседателката Гордана Силјановска Давкова, што ја прочита актерот Александар Степанулески.
На крајот, аплауз од присутните и за Ленче и за нејзиниот починат сопруг Урош, кој работел како осветлител во Драмски театар. А, впечатоците за неа, присутните ги запишаа во отворената книга на жалост.
Сотир Трајков











