Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Ливчето на локалните може да биде долго и 7-8 метри, а ако бидат неуспешни изборите Владата ќе назначи повереници – вели Мицкоски

/

пред 427 дена

Сподели преку :

Кандидатурите на независните со два граѓански потписи се потенцијален проблем за изборниот процес. Ова денеска го изјави премиерот Мицкоски, наспроти изјавите на негови сопартијци и колеги од Владата, кои досега оценија дека тоа е добро за едно демократско општество.

Државната изборна комисија во изминатиот викенд го усвои Правилникот со кој се олеснија условите за кандидирање на непартиските кандидати.

„Не исклучувам и таква можност. Сѐ е можно, можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот. Но, тука сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници. Така што, неодговорното однесување на поединци и поедини политички партии резултира со ваков тип можности. Дали тоа ќе се случи, ќе видиме многу скоро од денеска“, вели премиерот Мицкоски. 

Усвојувањето на Правилникот на ДИК следуваше откако пропаднаа измените на Изборниот законик, од причина што со гласовите „против“ од страна на интегративците, немаше Бадентер.

А, интегративците се на став дека крајно некоректен беше предлогот на мнозинството во Собранието, прагот на потребни потписи од запишаните избирачи, наместо 1 отсто, да биде 0,95 отсто. Од ДУИ додаваат дека институциите не се функционални и единствено решение се предвремени парламентарни избори.

„За првпат се случува после изборите некоја Влада, а тоа е оваа Влада, да не формира работна група за адресирање и инкорпорирање на препораките од ОБСЕ и ОДИХР од парламентарните избори во Изборниот законик. За првпат се случува ова. И не во „5 до 12“ туку во „12 и 5“ предложуваат предлог кој воопшто не ги инкорпорира препораките од ОБСЕ и ОДИХР“, вели Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ. 

Министерот за правда, Игор Филков, во интервју за медиумот Фокус истакнал дека Бадентеровото мнозинство се злоупотребува и можеби е дојдено време да се ревидира.

Адеми од ДУИ остро возврати дека ваквите идеи се опасни и со нив се заоструваат меѓуетничките односи.

А, премиерот Мицкоски е дециден дека Бадентеровото мнозинство е дел од Охридскиот рамковен договор и со тоа дел од Уставот – нешто што е завршена тема. Според претседателот на Владата, суштински проблем е алатката „Балансер“ која сега треба да се решава со Закон за правична застапеност.

Петар Догов