Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Локалните избори ќе ја остават Антикорупциска без претседател

/

пред 450 дена

Сподели преку :

Локалните избори може да ја остават празна претседателската фотеља во Антикорупциската комисија до доцна есенва. Роковите за констатирање на оставката и за изборот на нов претседател, се поклопуваат со изборите, што ја усложнува постапката. Според деловникот, собранието е должно, без претрес, да ја констатира оставката на претседателката Димитровска, која ја поднесе утрово, на првата наредна седница што е закажана за вторник. Потоа, најдоцна за 10 дена, треба да се распише јавен оглас кој, исто така, трае 10 дена.

Следи формирање на комисија за селекција која за три дена треба да утврди листа на пријавени кандидати и во рок од пет дена да организира јавно интервјуа на пријавените кандидати на кои прашања можат да поставуваат и здруженија на граѓани. Три дена по интервјуата, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите и ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која во рок од два дена, најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието.

Ова е постапка од најмалку 33 дена, ако огласот се распише истиот ден, но Изборниот законик предвидува дека од денот на распишување на изборите, што најверојатно ќе се случи на 8 август, не смее да има вработувања во јавниот сектор.

Од Kабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, не појаснија како ќе течат роковите. Само потврдија дека Димитровска веќе ја поднела до нив оставката на функцијата.

„Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, денеска поднесе оставка на функцијата. Ве информираме дека Собранието ќе постапи согласно предвидените процедури и за истите благовремено ќе бидете информирани“, информираа од Кабинетот на претседателот на Собрание.

Сепак, Антикорупциска нема да остане без прв човек. Законот предвидува до изборот на нов претседател, функцијата да ја врши заменик-претседателот, со сите должности и овластувања кои ги имал претседателот. Замениците се бираат по азбучен ред, за рок од шест месеци, со мнозинство гласови од Комисијата.

Актуелен заменик е Билјана Каракашева Шулев на која оваа функција ѝ престанува на 21 август. Таа дојде на местото на Сервет Демири, а по азбучен ред, следен заменик треба да биде Цвета Ристова, доколку нејзините колеги ѝ го дадат потребниот број на гласови.

Далиборка Демјанска Цветановска