Национална стратегија за институционална поддршка на македонското малцинство во Албанија, побара единствената партија на Македонците во Албанија на денешната средба во Корча, што ја организираше со претставници од сите парламентрани партии од Македонија.
Ги информираа за исклучително тешката состојба и агресивната асимилаторска политика што ја спроведува Бугарија врз македонскоот население, која кулминираше на последниот попис. Со точно утврдени чекори во стратегијата, нашинците бараат поддршка во сите сфери – економската, потоа во рамките на образованието и културата.
Сет мерки кои сакаме да ги дискутираме, а Собранието на Македонија да донесе една обврзувачка декларација, потоа спроведувањето да биде надгледувано од еден Совет на Владата, вели Васил Стерјовски претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.
Партијата на Македонците во Албанија лани побара од албанските власти да се забрани делувањето на, како што велат, најголемиот експонент на бугарската пропаганда, фондација на Милен Врабевски, „Бугарска Меморија“, за што сега оваа фондација ги тужи за клевета и бара отштета од 10 илјади евра.
На сите наши реакции до албанските институции да се спречи оваа бугарска пропаганда затоа што оваа фондација „Бугарска Меморија“ е главен експонент на бугарската асимилација, се обидува вештачки да прикаже дека во Албанија живеат Бугари и го направија тој бугарски инженеринг, сега оваа фондација нѐ тужи нас, вели Стерјовски.
Претставниците на политичките партии од власта и опозицијата ја изразија својата подготвеност за поддршка на Македонците во Албанија.
Ние како опозицијата силно ги поддржуваме и ќе продолжиме да делуваме во нивни интерес и да се спротивставиме за било каков обид за асимилација ана Македонците во Албанија, рече Методија Илиевски, подтпретседател на СДСМ.
Заменик министерот за надворешни работи на Македонија, Зоран Димитровски, вели дека се прави нова Стратегија за дијаспората, но додека овој документ не биде готов, вели потребни се конкретни чекори.
Во основа е економската сосотјба. Ако нашинците во Албанија имаат добра економска ситуација нема да земаат бугарски пасоши. Не мора да работиме и со Владата на Албанија да се инвестира повеќе во овој регион, да се отвораат работни места, а со помош на Европската Унија да се наоѓаат проекти, рече Димитровски.
Бугарската асимилација на македонското население започна во 2017 кога Бугарија побара од Албанија да признае непостоечко бугарско малцинство. Потоа на пописот лани беа преброени околу 2.200 Македонци, наспроти 5.500 колку што имаше претходно. Додека пак евидентирани се околу 8.000 Бугари иако на претходните пописи немало ниту еден.
Емилија Мисирлиевска











