На Глобалниот индекс за мир за 2025 година, Македонија е рангирана на 51 место со резултат од 1,799. Тоа е пад од четири позиции во однос на лани, што покажува мало влошување во перцепцијата за мир и безбедност во земјата.
Во регионот, Хрватска е највисоко котирана на 19 место, Бугарија е на 29, а Грција на 45 место. Зад Македонија се Албанија, која годинава бележи пад од шест позиции и е на 52 место, Босна и Херцеговина на 59, Косово на 63 и Србија која е на 66 позиција.
Индексот за мир се пресметува врз основа на повеќе од 20 индикатори, вклучувајќи го нивото на безбедност во општеството, домашните и меѓународните конфликти и степенот на милитаризација, односно колку државите вложуваат во војска и оружје.
Најмирна земја во светот и годинава останува Исланд, кој речиси две децении ја задржува оваа позиција. Зад него се Ирска, Данска, Австрија и Нов Зеланд. На спротивната страна, на дното на листата се Русија, Украина, Судан, Демократска Република Конго и Јемен – земји зафатени со активни конфликти и сериозни хуманитарни кризи.
Глобално, 78 земји бележат влошување на нивото на мир, најмногу поради зголемување на бројот на надворешни конфликти. Но има и позитивни трендови: во делот на милитаризација подобрување се забележува во 111 земји, а во делот на безбедноста во 95 држави, каде што е регистрирано намалување на криминалот, политичкиот терор и насилните демонстрации.
Индексот за мир, кој го објавува Институтот за економија и мир, се смета за еден од најрелевантните показатели за тоа каде луѓето живеат во најбезбедни и најстабилни услови.
Помеѓу 2013 и 2022 година повeќето земји имаат подобрување во позитивниот мир. 108 земји регистрирале подобрувања а 55 влошувања.
Подобрувањата се главно поттикнати од слободниот проток на информации, точната распределба на ресурсите, прифаќање на правата и високите нивоа на човечки капитал.
Трите столба на позитивен мир за кои е забележано влошување од 2013 година се добри односи со соседите, добро функционирачка Влада и ниски нивоа на корупција.
Марија Коцева











