Откако судијката од основниот битолски суд Цветанка Никодиновска не им дозволи на новинарските екипи да направат инсерти и фотографии на судењето против поранешениот претседател на згаснатото бугарско здружение „Ванчо Михајлов“ а им беа и одземени телефоните неопходни за работа, реагираше претседатлеката на Врховниот суд Беса Адеми од каде новинарите добиваат уредни акредитации за снимање во судница
Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија ја истакнува потребата од доследно почитување и применување на акредитациите за медиумите одобрени од страна на претседателот на Врховниот суд, како и на препораките за снимање и фотографирање во судница усвоени и објавени од Врховниот суд на Република Северна Македонија и Судско-медиумскиот совет.
Во согласност со позитивните прописи, заложбите за отворено судство и начелата на транспарентност и отчетност, клучната цел на акредитациите и препораките, е да се заштити јавниот интерес, континуирано да се зајакнува угледот на судството и воедно да се истакне демократската улога на медиумите во општеството.
Работата на судовите и медиумите, како и работата на судиите и новинарите имаат заеднички именител, а тоа е вршење на професијата во интерес на граѓаните. Оттука, секое отстапување од овие вредности, не е во насока на заштита на заложбите за јакнење на јавната доверба и заштита на јавниот интерес во името на граѓаните.
Воедно, во врска со вчерашниот случај во Основниот суд Битола за кој беше информирана јавноста од страна на медиумите, известуваме дека до Врховниот суд на Република Северна Македонија поднесена е претставка по која се постапува во согласност со законските надлежности, стои во соопштението објавено од Врховниот суд.
Вчера реагираше и ЗНМ дека судијката го попречила правото на известување на новинарските екипи на Телма и „Сакам да кажам“ и дека се прекршени принципите на транспарентност и правото на јавноста да биде информирана.
-Здружението на новинарите на Македонија денеска поднесе пријава до Основниот кривичен суд Скопје како и до Здружението на судии со цел да се преземат соодветни мерки за одговорност за денешниот непримерен и непрофесионален однос од страна на судијката Цветанка Никодиновска од Основниот суд во Битола кон новинари и медиумски работници стои во соопштението од ЗНМ
Од ЗНМ истакнуваат дека слободата на медиумите и правото на информирање се од фундаментално значење за демократијата, и дека ваквите постапки се неприфатливи и штетни за правната и медиумската слобода во државата.
-Ги повикуваме судските органи да преземат соодветни мерки за да не се повторуваат вакви инциденти и да го обезбедат почитувањето на професионалните права на новинарите и медиумските работници во заштитата на јавниот интерес, реагираше ЗНМ.











