Струмичани со протестен марш синоќа побараа итно да се реши проблемот со депониите кои, речиси, еден месец без прекин горат и ги гушат во чад градот и околните населени места. Депонијата Шапкар, но и дивите депонии во и околу селата и нивите, не им даваат мир и чист воздух ниту во најголемите жештини, па граѓаните порачаа дека нема повеќе да толерираат неажурност од институциите.
Активистите, како најсериозен загадувач за градот и околните села, ја детектираат депонијата Шапкар кај Добрашинци, каде завршува отпадот на општините Струмица, Василево и Босилово. Сепак, овие општини не можат да се договорат околу надлежностите, што дополнително ги фрустрира граѓаните.
Протестниот марш започна од плоштадот „Гоце Делчев“ и минуваше низ главните улици. Поворката застануваше пред општината, судот, јавното обвинителство и пред комуналното претпријатие, институции кои граѓаните сметаат дека се повикани да го решат овој проблем.
Сузана Мицева











