Соговорниците разменија мислења и за уставните измени во контекст на предизвиците на европскиот пат, соопшти Министерството за европски прашања на Македонија по средбата на министерот Орхан Рамадани со еврокомесарката за проширување Марта Кос, во Брисел. Нема други детали за уставните измени од чие усвојување зависи втората меѓувладина конференција со ЕУ со што и официјално би стартувале преговорите за членство и отварање на поглавјата за преговори.
Владата бара можност за решение со одложено дејство односно усвојување на амандманите кои би се применувале кога Македонија ќе стане полноправна членка.
Кос и Рамадани констатирале дека добрососедските односи се од клучно значење за напредокот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и дека сите решенија треба да бидат во согласност со волјата на граѓаните.
-Изразена беше подготвеноста за продолжување на конструктивниот дијалог и ангажман со сите партнери за осигурување на успешен пат кон членството во ЕУ, базиран на принципите на стабилност, помирување и заедничка одговорност, соопштија пд кабинетот на Муртезани.
Министерот Муртезани пред комесарката Кос го презентирал напредокот во спроведувањето на Реформската агенда на Северна Македонија, истакнувајќи дека Владата активно работи на исполнување на реформските цели и дека успешната имплементација на Реформската агенда ќе претставува значаен фактор за напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ, како дел од процесот на пристапување.
Тој исто така ја нагласил посветеноста на земјата кон целосна имплементација на важноста на Планот за раст, кој ќе биде главна тема на претстојниот состанок на лидерите на Западен Балкан во Скопје, во март годинава. Муртезани изрази увереност дека Северна Македонија е подготвена да продолжи со конкретни чекори кои ќе ја приближат земјата кон Унијата.
„Северна Македонија останува цврсто посветена на своите стратешки интереси за успешно реализирање на нашето европско досие. Подготвени сме да преземеме неопходни реформи и да се фокусираме на принципиелни решенија кои ќе бидат во интерес на државата и сите нејзини граѓани. Со стабилност, напредок и конструктивен дијалог, ќе ја оствариме нашата цел – полноправно членство во Унијата.“ – нагласи министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Средбата беше дел од дводневната посета на Рамадани на Брисел.











