На предлог закон од 11 членови со кои двете верски училишта треба да станат редовни во секуларниот образовен систем, поднесени се десет амандмани за подобрување на текстот бидејќи во предложената верзија се оставени и верски поими кои се спротивни на одредбите од законот за средно образование.
Во првата верзија двете верски училишта, православното богословско и исламското Иса бег се наведени по име и со дејност која е опишана како „средно образование од областа на православната, односно исламската религија и теологија“. Сега амандмански се обидува исправање на грешките иако невладината Мрежа за заштита од дискриминација смета дека законот е противуставен во делот кој задира во уставното начело со кое религијата и религиозните институции не смее да се мешаат во државното уредување.
-Имајки предвид дека тие училишта функционираат со посебни наставни програми и имајки го предвид принципот на секуларност. Сметаме дека таква потреба е споротивна на Уставот. Уставниот суд веќе еднаш има донесено слична одлука за слична материја во која што им напоменува на законодавецот и владата да внимаваат кога задираат во принципот на секуларност на оваа држава, вели Атанас Аврамов- Мрежа за заштита од дискриминација.
Уставниот суд во април оваа година ја укина одлуката на владата од април 2024-та со која исламското училиште беше прогласено за гимназија и покрај тоа што Законот за средно образование забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта, а верските заедници смеат да основаат само верски училишта за проучување на религијата и веронауката.
Владата пак во образложението на предлог законот наведе дека со законот „се овозможува еднаков пристап до високо образование и на учениците кои своето средно образование ќе го стекнат на Богословското училиште – Скопје и Средното теолошко училиште „Иса Бег“ -Скопје. Од владата велат дека учениците се изедначуваат, а верските учишта се ставаат под надзор на образовните институции.
-Доколку ученик од средно верско училиште сака да се запише на факултет кој е надвор од областа која ја изучувал во средното образование (ова порано не им беше овозможено), наместо училишна, потребно е да одбере државна матура, на која ќе треба да го полага соодветниот предмет, Тоа значи дека треба да се подготви за полагањето, да го совлада материјалот по тој предмет. Во предлог законот со посебен член е уреден начинот на финансирање на верските училишта, а Државниот просветен инспекторат ќе врши надзори и контроли околу почитувањето на одредбите, како и други надлежни институции, ни одговорија од владата.
Мрежата за заштита од дискриминација смета дека нема изедначување на правата туку владата треба да го повлече законот, а пратениците да не го гласаат.
-Не се на исто рамнише со другите ученици, тоа е заради тоа што не во однос на човекови права и слободи, туку во однос на тоа што наставната програма не е иста. Очекаве собранието да не го изгласа предлог законот во ваква форма каква што е. И доколку го изгласа очекуваме Претседателката која што е и професор по Уставно право да стеви вето на самиот предлог. Еве и повик до владата да го повлече законот и во иднина да внимава при предлагање на закони кои задираат во принципот на секуларност, додава Аврамов- Мрежа за заштита од дискриминација.
Законот во вторник го помина првиот собраниски филтер, а за амандманите кои треба секуларно да го средат предлог-законот во согласност со Уставот ќе се расправа комисиски во понеделник.
Миомир Серафиновиќ











