Сѐ поизвесно е дека првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, ќе биде конечен избор за кандидат на Вреди во Чаир. Неговите сопартијци не кријат дека неговото име предничи во сите теренски анкети во оваа скопска општина.
Со тоа, во битката за Чаир на повидок е изборен „судир“ на Меџити со Бујар Османи од ДУИ, кој пред десетина дена посочи дека таа општина е многу важна за ДУИ, а анкетите одат во негова полза.
„Според нашите информации иако ние имаме и други кандидати, поради тоа што на нашите мерења на мнението на граѓаните првиот вицепремиер има далеку подобра позиција, размислуваме господинот Меџити да се кандидира за Чаир“, вели Биљал Касами, градоначалник на Тетово и еден од лидерите на Вреди.
Во моментов, градоначалник на Чаир е Висар Ганиу кој исто така е од редовите на Вреди. Неговото име е актуелно во јавноста по секојдневните обвинувања за криминал околу дивоградбите во оваа скопска општина, а кои ги објавува градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Целосната слика околу настапот на Вреди на локалните, ќе се искристализира кон крајот на јули. Од партијата велат дека се при крај со анализите на резултатите од анкетите, а на тоа се однесуваат и секојдневните состаноци на раководството. Досега, јасно е дека за нов мандат ќе „трча“ Касами во Тетово, а конечна одлука има за Струга, каде што Вреди го поддржува независниот кандидат Менди Ќура.
Во меѓувреме, јавноста ги очекува и потезите на Демократската унија за интеграција. Интегративците исто така сѐ уште калкулираат со имињата на кандидатите за главните општини, каде што битка ќе бијат партиите од албанскиот блок.
Петар Догов











