Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Казните за пушење на забранети места до 5 илјади евра за фирми и државни органи, граѓаните може да прифатат општо-корисна работа, пушење нема да смее да се гледа ниту во филмови или вести, забрана и за затвори и полициски станици- детали од новиот закон за заштита од пушење

/

пред 276 дена

Сподели преку :

Во Нацрт законот за заштита од пушење кој е објавен на елекронскиот регистар ЕНЕР за јавна дебата, наведени се сите нови решенија или стари кои досега не се применувале. Забрана за пушење се предлага да се воведе и во простори каде има деца односно во училишни дворови, а нема да смее да се пуши ниту во полициски станици ниту во затвори (вклучително и келиите за доживотен затвор). Се воведува и простор каде е забрането пушење на влезови на објекти.

Од училишен двор до ски лифт и затвор

Во член 3 од Нацрт законот се наведени 16 точки каде е забрането пушењето:

  1. Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
  2. Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
  3. Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
  4. Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
  5. Во објекти и возила што претставуваат работни места;
  6. Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
  7. Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
  8. На станици на градски и приградски јавен превоз;
  9. Во приватно возило во присуство на дете;
  10. Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
  11. Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
  12. Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
  13. Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
  14. Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
  15. Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа
  16. Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца )

Законот треба да го спроведува одговорното лице на фирмата, институцијата или државниот орган. Забраната се однесува и на уреди за консумирање на тутун, межу кои се почесто употребуваните електронски цигари и вајпери.

Што е електронски уред за никотин?

Законот ги дефинира овие уреди како: електронски или други уреди наменети за консумирање на тутун, и други производи што содржат тутун и никотин, преку создавање аеросол што содржи никотин (пареа, чад), кој го вдишува потрошувачот, вклучувајќи го секој предмет или компонента наменета за употреба со уредот, без разлика дали се продава одделно или не (освен самиот тутун и другите производи што содржат никотин), вклучувајќи електронски системи за испорака на никотин, системи за загревање на тутун и лулиња (освен регистрирани медицински помагала).

Доколку не се спроведува законот предвидени се казни.

-Со парична казна во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе се казни мало правно лице, со парична казна од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе се казни средно правно лице, а со парична казна од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се казни големо правно лице за прекршок. Одговорното лице во правното лице ќе се казни со парична казна во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност, стои во нацрт законот.

За граѓаните кои ќе бидат фатени со цигара на забрането место за пушење, казните се движат од 100 евра (казна изречена на лице место) и казни од 150 до 300 евра за непочитување на забраната. Глобата од 100 евра, во порамнување, може да се смени за општо-корисна работа која ќе ја изрече надлежниот орган и општо-корисната работа мора да биде најмалку 24 работни часа (3 работни дена). Општо корисната работа треба да се изврши во период од 8 дена од нејзиното утврдување.

Нацрт законот е во согласност со ЕУ регулативите и носи европско знаменце. Тутунската индустрија добива нови ограничувања и покрај целосната забрана за рекламирање не смее да спонозрира или дава донации. Забранета е и промоција преку бесплатни подароци (познатите купи две кутии и ќе добиеш бесплатна брендирана запалка или замена на 5 или 10 празни кутии за една нова).

Цигари само во кутии и во шкафчиња

Ограничено е и прикажувањето на пушење на цигари во филмови, компјутерски игри, телевизиски продукти, вести или театарски преѕтстави освен ако не станува збор за уметничка цел.

Забраната на прикажување се однесува на: Аудиовизуелни дела наменети за деца и возрасни, вклучувајќи телевизиски и видеосодржини, театарски претстави, радио, телевизиски, видео и кинематографски новинарски програми, содржини создадени од автори на содржина, вклучувајќи инфлуенсери, подкастери и лица што емитуваат преку интернет, како и јавни настапи, емитување, кабелско пренесување и секоја друга употреба на наведените дела, настапи или програми, во кои се прикажуваат тутун и други производи што содржат никотин, уреди за консумирање на производи што содржат никотин, или процесот на консумирање на тутун и производи што содржат никотин, освен во случаи кога таквото дејство претставува составен дел на уметничката концепција во аудиовизуелни дела наменети за возрасни.

Се предвидува и тргање на цигарите и тутунските производи од погледот на потрошувачи односно „криење“ на продажните места. Се забранува и особено раширеното купување меѓу најмладите пушачи, продавање и купување на цигари на парче, туку исклучиво мора да оди на кутија, а тие ќе мора да се чуваат на посебно место во трафиките и продавниците.

-Тутунските, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уредите за консумирање на тутун и никотин, на непосредното место на продажба треба да се чуваат во затворени шкафови што не се достапни за потрошувачите. Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени, стои во нацрт законот.

Целта на новиот законо за заштита од пушење првично е заштитата на граѓаните и пред е децата од штетните ефекти од пушењето на тутун и други производи што содржат тутун и никотин како и  заштита на населението од дејството на чадот од тутун во животната средина (таканаречено пасивно пушење).

Трошоците на пушењето се огромни- стои во нацрт законот

Во нацрт законот е наведено дека пушењето носи огромни здравствени последици и трошоци за населението, општеството и државата. Во текстот е наведен податок дека 45% од возрасното население пуши.

-Пушењето е поврзано со повеќе од една третина од сите случаи на карцином на белите дробови и значителен дел од кардиоваскуларните болести. Намалувањето на пушењето води кон помал број на боледувања, повисока работна ефикасност и подолг животен век на активното население – клучни фактори за економски раст, стои во образложението на законот.

Во текстот се цитирани и трошоците на пушењето кои според предлагачот, Министерството за здравство се 5% од БДП на Македонија.

-Трошоците за лекување на болести поврзани со пушењето се огромни. Директните здравствени трошоци за лекување на болести предизвикани од пушење надминуваат стотици милиони денари годишно, што создава финансиски притисок врз јавниот здравствен систем и ги ограничува ресурсите за други приоритети. Економското влијание на тутунот е значајно, опфаќајќи над 5% од БДП преку здравствени трошоци и загубена продуктивност, стои во нацрт текстот објавен на ЕНЕР.

На линкот и на фотографијата е целиот текст на Нацрт законот за заштита од пушење.

Миомир Серафиновиќ

Никоа Илиевски