Тетово ќе добие Меморијален парк посветен на 14-те жртви при пожарот во модуларната болница, во септември 2021 година. Оваа одлука, централните власти, ја дефинираа како израз на меморијално паметење на настраданите. Планот за уредување на дел од тетовската болница како парк беше претставен денес во кругот на Клиничката болница.
Најавата дојде од министрите Азир Алиу и Арбен Фетаи, кои, заедно со повеќе пратеници и претставници на семејствата на настраданите, положија цвеќе на местото предвидено за уредување како парковската површина
-Денес не започнуваме само со изградба на парк. Започнуваме изградба на колективна меморија. Задоцнета, но неопходна. Пред 4 години на ова место се случи трагедија која не смее да се заборави, но институциите 4 години молчеа. Не презедоа ништо, избраа да не гледаат, а тоа молчење беше неправда за оние што ги изгубија животите и за сите тие што секојдневно ја бараат правдата, вели Азир Алиу-министер за здравство.
За оваа трагедија имаше две судења, при штo повторното судење заврши во мај годинава. Во првостепена судска постапка има одредено затворски казни од година и шест месеци за двајцата поранешните директори на болницата, додека Клиничка болница како правно лице има вина за кривично дело. За овие одлуки се поднесени жалби.
Запрашан за тоа колку правдата е задоволена за оваа и другите неколку други трагедии, министерот со оцена дека мора да бидат внимателни како власт за овие теми и настани кои се случиле во минатото и дека прават што можат.
-Ние како влада имаме работна група креирана којашто ги следи. Направивме веќе при крај сме национална стратегија, знаете, Кочани и сите други други такви за жал трагедии во Македонија, сензитивни се и бараат поинаков пристап ние и за оваа и за другите трагедии сме многу претпазливи, изјави министерот.
Претставници на семејствата на жртвите изразија незадоволство од судската одлука за пожарот во модуларната болница.
Александар Самарџев











