Истрагата за злоупотребите со канабисот одгледан во фабриките за марихуана продолжува, а според информации на КОД, сега е опфатена и фирма од Куманово која лани во ноември, во два наврати испорачала вкупно половина тон сув цвет од марихуана во скопската фабрика Алфафарм. Алфафарм е центарот на истрагата за 5 тони марихуана откриени во Србија бидејќи се утврди дека голем дел од таа дрога е испорачан од оваа фабрика која се наоѓа во ОХИС.
Околу два тона канабис биле шверцувани во јануари, а биле декларирани како што објави КОД како перници и така ја поминале границата кај Табановце.
КОД дојде и до податоци колку марихуана е извезена од 2020-та година наваму и бројките покажуваат дека со секоја година извозот на оваа ризична земјоделска гранка се зголемува.
Од 191 килограм масло извезени во 2020-та година, лани бројката на извезено канабис масло се искачила за првпат над еден тон, а истата тенденција продолжува и во почетокот на оваа година. За повеќе од 6 години извезени се над 3,7 тона масло од канабис, а за тоа според просечната употреба на цвет од марихуана во масло употребени се најмалку 37 тони сув цвет.
Од 2022-ра се дозволи и извоз на сув цвет од канабис, и тој стабилно расте и се зголемува секоја година. Пред 4 години се извезени 1,6 тони сув цвет, а лани над 10 тона. Во 2025-та година е повеќе од дуплиран извозот на сув цвет од Македонија во однос на претходната година.
Вкупно во последните 4 години и два месеци се извезени 20 и пол тона таканаречен АПИ односно сув цвет од канабис. Бројките се дел од легалните бизнис операции на активните фабрики.
Табела на извоз во килограми:
Канабис масло АПИ цвет
2020 191,734288 кг 0
2021 492,10016 кг 0
2022 601,464 кг 1.616,11 кг
2023 430,18175 кг 3.007,11 кг
2024 676,0185 кг 4.568,728 кг
2025 1.066,594 кг 10.136,647 кг
2026 275,883 кг 1.236,104 кг
ВКУПНО 3.733,975698 кг 20.564,699 кг
Миомир Серафиновиќ
Прилогот е емитуван во КОД на Телма, на 01.03.2026.











