Европскиот комитет за спречување на тортура ЦПТ при Советот на Европа од вчера е во посета на земјава за да направи контрола на затворите, а првиот човек на Управата за извршување на санкции Александар Пандов за Телма вели дека во изминатите три месеци откако стапил на функцијата направиле се за подобрување на состојбите. Посетата е клучна и за тоа дали парите од втората фаза за реновирање на затворот во Идризово ќе бидат повторно достапни.
„Јас искрено се надевам дека извештајот ќе биде многу попозитивен оваа година од оној минатогодишниот и дека средствата ќе бидат одмрзнати“, вели Пандов.
Инаку станува збор за околу 40 милиони евра. Поголемиот дел од Банката за развој при Советот на Европа, а 16 милиони се од државата, но втората фаза не само што воопшто не е започната, требало да заврши во јуни годинава. Со нив треба да се направи ново одделение за притвор, амбуланта и затворено крило за затвореници од висок ризик. Во меѓувреме истекла и дозволата за градба.
„Повторно дозвола треба да извадиме. Меѓутоа веќе имам разговарано со министерот за транспорт и врски, он максимално ќе ни помогне, како и со градоначалникот на Гази Баба, бидејќи таму се наоѓа во затворот и премиерот е информиран. Ние се ќе направиме за час поскоро и се надевам до завршување на мандатот, мојот и на Владата за 4 години дека ќе успееме втората фаза да биде завршена“, додава Пандов.
Еден затвореник државата ја чини околу 2.100 денари на ден или над 10.000 евра годишно, во зависност од затворот. Моментално има 2.400 затвореници и уште толку чекаат да одат зад решетки.
Марија Митевска











