Општина Центар Жупа повторно не успеа да избере градоначалник. Проблемот овојпат беа 239 ливчиња односно толку гласачи недостасуваа за да се дојде до цензусот од третина излезени избирачи за валидни избори.
Во неделата гласаа 2.120 избирачи, а на избирачкиот список се вкупно 7.077 гласачи. Но доколку се смета според пописот чии податоци беа објавени на крајот на март, Центар Жупа има само 3.720 жители. Околу една петина се малолетни што значи дека Центар Жупа има околу 3.000 резидентни полнолетни жители кои се истовремено гласачи.
Остатокот до бројот запишани избирачи од над 4 илјади гласачи не е попишан, но има македонски документи со адреса во Центар Жупа па поради тоа се наоѓаат на избирачкиот список.
Малата излезност се објаснува и со тоа што станува збор за печалбарски крај од каде многумина се заминати на работа во странство, но се уште имаат македонски документи.
Интересно е што само за половина година бројот на запишани избирачи се намалил за 240 или за повеќе од 3%. Во октомври 2021-ва имало 7.317 гласачи, а оваа година биле 7.077. Сепак големиот број на запишани, но отсустни гласачи прави огромни проблеми при локалните избори.
Настрана што досега се фрлени пари за два изборни циклуси кои се поништени, туку и општината нема избрана извршна локална власт, а проблемот се решава со законската можност за владино поставување на владин повереник. Од април до сега беше претходниот градоначалник Аријан Ибраим.
Доколку пак се вкрстат изборните резултати од 2.120 излезени и пописните за резидентното население од околу 3.000 полнолетни граѓани, излегува дека цензусот за избор не само што бил надминат туку бил над 70 %.
Но за гласање се користи изборниот законик, во кој избирачко право има секој полнолетен и деловно способен државјанин на РС Македонија, а правото го остварува со важечки личен документ со адреса во државата, преку која му е определено избирачкото место.
За градоначалник на Центар Жупа имаше двајца кандидати, исти како и на изборите во октомрври, Аријан Ибраим од Турската Демократска партија и Шаин Шакир од Движењето за национално единство на Турците.
Шакир освои 165 (7.78%) гласови, а претходниот градоначалник и назначен повереник од владата за раководење со општина Ибраим од ДПТМ освои 1.888 гласови односно 89.06% од важечките ливчиња. И на локалните избори лани двајцата беа кандидати.
Центар Жупа е печалбарска општина, и според неофицијални информации, над 70 отсто од населението се печалбари и тоа е причината зошто и на ланските избори не се обезбеди потребниот цензус. Тогаш излезноста беше 25,77 %.
Согласно законот, ДИК во предвидениот рок ќе ја извести Владата за резултатите од изборите, која пак повторно ќе избере свој повереник за да управува со општина Центар Жупа.











