Со порака да не ги повторуваме грешките од минатото, зашто генерациите после нас можеби не ќе можат да живеат во независна и суверена Македонија, премиерот Христијан Мицкоски повика на единство на македонскиот народ на отворањето на научниот симпозиум, организиран по повод 80 години од Првото заседание на АСНОМ.
„Мораме да најдеме начин сите оние порази на маса и капитулации што се случија изминативе седум години , да најдеме начин како да ги избалансираме и корегираме. И тоа нема да биде лесно , во услови на големи предизвици во светот, во услови на војна во Украина, Блискиот Исток и на други делови од светот. Во услови кога никој ја нема во својата зеница малата Македонија во срцето на Балканот, ќе биде многу тешко и затоа ни треба единство“, изјава премиерот Христијан Мицкоски.
Евроскептицизмот, кој се јавува во последно време во Македонија, е резултат на пречките неправедно поставени од ЕУ на нашиот европски пат, најмногу поради преземените обврси со договорите со Грција и Бугарија, кажа претседателот на МАНУ, Живко Попов. Според академик Попов, земјата направила компромиси со промената на државното знаме и со името, со што делумно се нарушени принципите на АСНОМ.
„Треба да сме свесни дека само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ мора да се дојде до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми, зачувувајќи го при тоа културното и историското наследство кое му припаѓа на македонскиот народ, како европска вредност“, истакна академик Попов, претседател на МАНУ.
Според премиерот Мицкоски, за да се избориме за нацијата и за државата, потребна е ренесанса во економијата, нулта толеранција за криминалот и корупцијата и разграничување – политичарите да се занимаваат со политика, а бизнисмените со бизнис.
„На тој начин во Македонија ќе се сетат и ќе се вратат стотици илјади Македонци од соседството и милиони од светот“, рече премиерот.
Тој во говорот ја истакна и потребата од демографски раст на земјава и кажа дека ќе биде патриотски чин, ако оние што решиле да создадат семејство со татко- маж и мајка- жена, од различни полови, создадат многудетни семејства.
Сотир Трајков











