Министерството за внатрешни работи денеска објави дека се поднесени пријави против лицата кои дивееја со автомобил по скопските булевари.
Во врска со видео записот што беше споделен на социјалните мрежи, а за кое алармираше и „Телма“, Министерството за внатрешни работи информира дека лицата се пронајдени и извршен е службен разговор и дека против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
Според првичните информации, бесното небезбедно возење било дел од снимање за содржина на социјалната мрежа ТикТок.
-Против возачот С.З. (20) од Скопје по член 167 став 2 (поради превезување лице на надворешните делови од возилото) и член 225 став 9 (возење без возачка дозвола) од ЗБСП и член 26 став 10 од Законот за возила (управување возило без регистарски таблици), како и против лицето што стои на хауба Р.Ѓ. (19) од Скопје по член 317 став 14 (му дал да управува возило на лице без возачка дозвола) и член 165 став 2 (прави дејствија со кои ја загрозува својата безбедност) од ЗБСП, соопшти полицијата.
СВР Скопје презема и дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, додаваат од таму.











