Над 50 наставници од Кочани останаа без работа, по 31 август не им се продолжени договорите на определено време. Кочанските ученици од училиштата и во градот и во селата по одредени предмети немаат наставници, првите лекации од наставниот материјал не им се презентирани на часовите.
„За учениците значи недокнадлива штета Не станува збор само за нашите плати, туку и за наставната програма која не може да се спроведе. Јас се прашувам како се спроведува настава во училиште каде има 12 наставници како мене . Има наставник кој не може да одржи настава по математика“, изјави наставник во ООУ „Раде Кратовче”, во Кочани.
Во решавање на проблемот со 50 те наставници веќе две недели е вклучен и СОНК. Првиот човек, Јаким Неделков се надева дека решение за наставниците ќе има до крајот на неделата. Информирани се и надлежните во Министерството за образование и наука, од каде до општината е испратен допис дека градоначалникот треба да формира пралелки со помал број на ученици.
„Одговорот на МОН до градоначалникот, јасно кажува дека треба да ги формира паралелките така како што и биле до сега и аналогно на тоа треба да се продолжи, односно да се примаат наставници за итно и неодложно вработување и да ги врати назад на работа“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Телма побара и одговор од в.д градоначалникот, Венко Крстевски кој во кусиот телефонски разговор тврди дека настава имаат учениците, а училиштата треба да се организираат и да работат согласно законот. Тој вели дека одоброени за формирање на паралелки со помал број на ученици немаат.
Од СОНК велат дека кочанскиот случај е единствен во државата каде на наставниците не им се потпишува согласност за нови договори со училиштата.
Викторија Јованова











