Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Новинарка во полиција- повикана поради инсистирање на „вознемирена“ раководителка од Правда за текст за барање мито во министерството

/

пред 1602 дена

Сподели преку :

Соња Делевска, новинарката на веб-медиумот sdk.mk утрово била повикана во полициската станица Беко по пријава за „вознемирување“ од раководителка на служба во Министерството за правда.

Претходно новинарката Делевска го објави текстот „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“ без да биде наведено името на пријавувачката.

-Ова е прв случај за напишан текст МВР, иако не е надлежно, да повикува новинар на разговор. Впрочем, и на службениот разговор денеска, тоа го потврди надлежниот полицаец/инспектор. Во разговорот, службеното лице објасни дека на пријавителката ѝ било укажано оти она што таа го бара од полицијата е надлежност на граѓанска постапка. Пријавителката, иако е од Министерството за правда, инсистирала Делевска да биде повикана во полиција, а во станицата Беко прифатиле, оти како што ни беше кажано, морале да постапат по секоја пријава од граѓанин, објави sdk.mk.

Новинарските организации и организации за човекови права реагираа осудувајќи ја пред се постапката на раководителката, но и полициската активност во случајот бидејќи се повикале на задолжително реагирање на поплака иако станувало збор за новинарски текст.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро го осудува повикувањето на службен раговор во полициска станица поради објавен текст на новинарката на САКАМДАКАЖАМ, Соња Делевска и ги повикаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Владата и премиерот Димитар Ковачевски да се расветли случајот.

-Полициска интервенција за напишан текст е пракса на други политички системи и општества каде што слободата на медиумите е загрозена, а слободата на изразување казнувана. Бараме, експресно расветлување на случајот, брзи одговори и јавно извинување бидејќи ваквата полициска постапка длабоко задира и во инаку кревката сигурност на новинарите во земјата, соопштија од ССНМ.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на службеници од Министерството за внатрешни работи по поплака на државна службеничка која е раководителка во Министерството за правда.

ЗНМ предупредува дека повикувањето на новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура кај новинарите, а според ЗНМ „овој случај со колешката Делевска може негативно да се одрази на слободата на јавното информирање и говор и може сериозно да ги ограничи новинарите слободно да известуваат за прашања од јавен интерес“.

Од Хелсиншкиот комитет коментираат дека во текстот, каде е пренесена изјава на адвокатка, која обвинува за побаран поткуп во Министерството за правда, се препознала државна службеничка од министерството. Иако службеничката не била експлицитно именувана во текстот, таа поднела пријава против Делевска, поради тоа што почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот.

-Повикувањето новинар на разговор во полициска станица од страна на вооружени полицајци, а за прашање кое не е кривично дело, туку се процесира во граѓанска постапка за евентуално утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета, се коси со уставните начела што го гарантираат слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации, соопштија од Хелсиншкиот Комитет.

Хелсиншкиот Комитет, ЗНМ и новинарскиот Синдикат бараат итна постапка и во Секторот за внатрешна контрола на полицијата.

По многуте јавни реакции и критики за овој полициски однос кон новинарите, се јави и МВР кој потврди дека е отворена постапка во Внатрешната контрола за постапувањето на полициските службеници „во врска со поплаката од едно лице против новинарката Соња Делевска од медиумот Сакам да кажам.“

-Потенцираме дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР ниту пак таков поднесок ќе има. МВР во изминативе години гради партнерски однос и со новинарите и со новинарските здруженија и комплетно сме посветени на постојано унапредување на соработката, што е постојано потенцирано и од новинарите и од релевантните организации. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина, одговорија од МВР.

Недостасува информација дали надлежните во МВР отвориле постапка по содржината на текстот кој упатува на обвинувања за мито на државни службеници, а текстот по кој имало вознемирување на раководителка во служба во Министерството за правда се вика „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“.

Соња Делевска инаку оваа година доби награда за истражувачко новинарство од ЗНМ поврзани со постапување на управните служби кон малолетно момче кое не успеа да добие матичен број и почина незапишано во државните податоци.

И приказната за која се вознемирила раководителката во правда и барала полициски распит од новинарката е продолжение на награденото истражување.