Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Обвинителката Ристовска бара извинување од премиерот Мицкоски за неточни и понижувачки наводи за неа изнесени во интервју- таа е обвинителка во случајот Талир за имотот на ВМРО-ДПМНЕ

/

пред 278 дена

Сподели преку :

Јавната обвинителка Ленче Ристоска побара извинување од премиерот Христијан Мицкоски за тврдењата кои ги изнесе за неа во неодамнешното интервју за „Вечер.мк“ (не станува збор за весникот Вечер и нивниот веб медиум).

-По однос на интервјуто на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за порталот “вечер.мк”, во кое за мене беа изнесени навреди и неосновани професионални дисквалификации, презедов соодветни институционални и лични чекори за заштита на мојата чест, углед и професионална самостојност. Имено, во интервјуто претседателот на Владата изнесува неточни и понижувачки вредносни судови, имплицирајќи дека сум ‘медиокритет’ со ‘клиентелистичко-политичка матрица’, а дополнително ме поврза и со целосно измислени тврдења за изјави кои не сум ги дала, со очигледна тенденција да се доведе во прашање мојот професионален интегритет, наведува обвинителката Ленче Ристовска која покрај извинување, бара и реакција од надлежниот Совет за јавни обвинители, којшто треба да ја заштити самостојноста на обвинителите.

Во делот од интервјуто, за реформите во правосудството,  Мицкоски во одговор без директно да ја посочи, ја нарекува „медиокритет“ и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за „клиентелистичко-политичка мартица“.

-Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи они веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротивставени странки во процесот, тврдеше премиерот.

Тој на потпрашање, во видеото дали станува збор за клиентелистичко-политички.., не чекајќи да заврши прашањето рече:

–Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа. Ние велиме вака, ајде сега да направиме компаративна анализа, бидејќи секогаш им велам на соработниците – пред да донесеме одлука, дајте да имаме аргументи на што ќе ја темелиме таа одлука и да направиме една компаративна анализа, одговори премиерот.

Ристоска ги критикуваше измените на КЗ што ги предложија група пратеници од ВМРО ДПМНЕ дека имаат и полоши решенија од спорните измени на од септември 2023 , дека се остава простор за нови злоупотреби, се декриминализираат одредени поведенија што беа криминализирани. Во делот на несовесно работење во службата целосно се изземаат од одговорност вработените во органите на државната управа. Тоа се сите вработени во министерства, полициски службеници, изјави Ристоска. После тоа следуваше и јавниот коментар на премиерот, а Ристоска побара извинување за неговите наводи.

-Со цел заштита на мојот личен и професионален углед, од претседателот на Владата писмено побарав јавно извинување и повлекување на спорните наводи. Истовремено, согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, писмено го известив и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, укажувајќи дека со ваквиот јавен говор се нарушува мојата самостојност во вршењето на јавнообвинителската функција, вели обвинителката Ристоска.

Ристоска е дел од скопското јавно обвинителство и како поранешен обвинител од СЈО продолжи да ги води случаите “Талир 1” и “Талир 2” за незаконско финансирање и партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ. Таа вели дека изјавите на премиерот ги гледа како обид за притисок во предметот во кој партиското седиште е замрзнато за отуѓување.

-Нагласувам дека во моменталните околности, претседателот на Владата е и претседател и законски застапник на политичката партија која е опфатена во кривични постапки во кои јас постапувам како јавен обвинител, и има јасен правен интерес од нивниот исход. Поради тоа, овие изјави ги доживувам како несоодветен притисок врз мојата работа и обид да се влијае врз моето постапување и одлучување, наведува обвинителката која во Јавното обвинителство е определена како обвинител за врски со Еуроправда, механизмот за меѓународни истраги.

ВМРО-ДПМНЕ пак за предметите Талир смета дека се политички мотивирани и бараат имотот да им се ослободи за слободно располагање.

Ристовска беше еден од тројцата правници избрани за кандидати за нов македонски судија во Европскиот Суд за човекови права во Стразбур, но владата ја поништи таа одлука наводно затоа што кандидатите не ги исполнувале критериумите. Подоцна се распиша нов оглас, на кој двете кандидатки од првиот најтесен избор не поднесоа апликации, а третиот повторно е предложен и избран како кандидат и на вториот конкурс.