Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Плоштадот полн, а најтивок досега – скопјани оддадоа почит за жртвите од Кочани

/

пред 583 дена

Сподели преку :

Тишината денеска најмногу зборуваше. Скопјани тагуваа заедно со цело Кочани и цела Македонија. Достоинствено, мирно, тивко и во голем број – плоштадот во центарот на главниот град беше полн со луѓе. Беа дојдени од најмлади до највозрасни.

Некои со транспаренти, други со светлата од мобилните телефони, а сите со солзи во очите оддадоа почит за загинатите 59 млади луѓе.

Протестот започна во 18 часот. Еден час подоцна се спроведе шеснаесетминутен молк – бројката 16 го симболизира датумот, шеснаесетти март – денот кога згаснаа животите на луѓето во „дискотеката на смртта“ во Кочани.

Денеска во Скопје немаше ниту бина, ниту микрофони, ниту говорници, но дел од присутните на јавниот собир застанаа пред камерата на Телма и испратија порака до надлежните.

Што да кажам?! Голема болка и бес. Голем бес за ова што нѝ се случува.

Сите да одат во затвор! Сите лопови и криминалци! Сите!

 

– А, оптимисти ли сте дека корупцијата конечно ќе се искорени некогаш од нашето општество?

 

Ако продолжи како денеска, сите да ги затворат до еден.

 

Ова треба да им биде знак за конечно да се смени нешто во државата. Доволно беа трагедии. Ние како граѓани не можеме да се научиме на вакво тагување, секој месец нешто да се случува и секој месец да умираат луѓе поради надлежните.

 

Да ги поддржуваме собириве и протестиве бидејќи мислам дека тоа е единствениот начин како ќе има промена во државава.

Собирот заврши час и половина по почетокот. Потоа, граѓаните доаѓаа постојано на фонтаната среде плоштадот, да запалат свеќа и да остават цвеќе.

Настанот го иницираше иницијативата „Кој е следен?“ на социјалните мрежи.

Го именуваа како собир за заедништво и повикаа – да не се блокираат улици. Причина за тоа е што состојбата во болниците е критична, возилата сѐ уште транспортираат пациенти, а блокирани улици ќе им ја отежнат работата – појаснија од иницијативата. 

Петар Догов