Изјавите на владините претставници дека нема да има предвремени парламентарни избори е знак за страв и паника, смета потпретседатлеот на ДУИ Бујар Османи. Повтори дека премиерот за разлика од јавните пораки, до нив преку посредници испракал поинакви, дека после избори треба да се реконфигурира владата. Османи вели дека по локалните избори победниците од албанскиот блок ќе седнат и ке преговараат за заедничко владеење и нема премиерот да одлучува кој ќе биде во владата.
„Не знам дали е свесен или несвесен кој нерв го допира кај Албанците. Меѓутоа мислам дека стигнува на црвена линија. Таква навреда дека премиерот од својата канцеларија ќе земе некои Албанци а ке извади некои Албанци има допрено до сржта на револтот и достоинствотo на луѓето“ – изјави Османи.
Премиерот Мицкоски вчера од партиски настан рече дека предвремени избори нема да има, тоа би значело загубено време. Ја обвини ДУИ дека ја експлоатира темата за да собира клиентелистички гласови лажејки ги своите гласачите дека ќе прават коалиција со ВМРО ДПМНЕ. Тој рече дека нивните повици да се вратат преку предвремени избори се доказ за очај.
Реагираа од владеачката ВМРО ДПМНЕ дека Османи изнел измислици за наводни „емисари“ од ВМРО-ДПМНЕ и сценарија што постојат само во неговата фантазија.
Ситните трикови на грофот од Зајас не минуваат ниту во детска градинка. ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно порачува: единствените „емисари“ што ги праќаме се оние кои ја носат пораката на народот, а тоа е одговорност за криминалниот картел ДУИ – СДС. Одговорност за Али, Заев, Филипче, Груби и Османи, стои во соопштението на ВМРО -ДПМНЕ
Од ВРЕДИ одговорија ДЕКА Османи бара сламка за спас во национални теми а ДУИ секојдневно пласира лаги
„Лага број 1: ДУИ е единствен легитимен претставник на Албанците! Тогаш зошто на престојните локални избори ДУИ најголемиот број на Албански општини ги отстапи на други кандидати? Зошто “легитимниот” ДУИ се крие зад коалиционите партнери ?“ – велат од ВРЕДИ
Официјално кампањата за локалните избори започнува за една недела на 29 ти септември. На терен е веќе почната.
Елена Ивановска Мукоска











