ВМРО-ДПМНЕ објави нови 16 кандидати за градоначалници и потврди дека во две големи општини ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ. Во Прилеп е кандидиран Дејан Проданоски.
Проданоски е актуелен пратеник во Собранието и успеа да ја добие довербата за да се кандидира за Прилеп. ВМРО-ДПМНЕ нема да го кандидира досегашниот градоначалник Борче Јовчески. Вкупно 5 досегапни градоначалници од партијата не обезбедија нова кандидатура на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај Јовчески отпаѓаат и Ацо Ристов во Радовиш. Сопругата на Ристов, по промената на власта како судија од Штип беше избрана за член на Судскиот Совет. Нов кандидат за Радовиш е Љупчо Почивалец.
Без нова кандидатура останува и актуелниот градоначалник на Сопиште, Стефче Трпковски кој три мандати беше на чело на оваа општина Наместо него, партијата го кандидира Јане Мицевски.
Актуелниот градоначалник на Неготино, Горан Стојанов, исто така не е кандидат за нов мандат и во таа општина ќе се кандидира Марија Нацева (единствената жена на листата од 16 кандидати). И Виница ќе има нов градоначалник, откако Миле Петков не беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ и партиски кандидат е Митко Костадиновски.
Партијата ќе предложи свој кандидат во Кичево, станува збор за Александар Јовановски кој и на минатите избори беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и водеше после првиот круг, но загуби во прегласувањето.
ВМРО-ДПМНЕ со Петар Јанков, поранешен виш цариник и раководител во Царината, со приватен бизнис и со завршен факултет за Шпедиција, ќе се обиде да ја освои победата во Струмица каде последните дваесет години се градоначалници од СДСМ.
Во Куманово, ВМРО-ДПМНЕ нема победа за градоначалник, од првите повеќепартиски избори во 90-тите години, а и изборите 2025-та ќе ги прескокнат и ќе го поддржат коалициониот партнер од ЗНАМ, Максим Димитријевски, кој се кандидира за трет мандат. ВМРО-ДПМНЕ нема да има ниту кандидат во Центар, каде претставник на владеачката коалиција ќе биде кандидатот на ЗНАМ.
Во Крива Паланка ќе се бори за пресврт, поранешниот пратеник Оливер Алексовски додека единствен градоначалник (од листата нови 16 кандидати) кој се избори за нова кандидатура и доверба од пеартијата е градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски.
Еве ја листата на кандидати која синоќа ја објави генералниот секретар на партијата:
Прилеп – Дејан Проданоски
Струмица -Петар Јанков
Кичево – Александар Јовановски
Неготино- Марија Нацева
Крива Паланка – Оливер Алексовски
Радовиш – Љупчо Почивалец
Крушево- Нико Чонески
Валандово – Ѓоко Камчев
Виница – Митко Костадиновски
Демир Хисар- Никола Најдовски
Шуто Оризари – Ерџан Демир
Сопиште – Јане Мицевски
Маврово Ростуше – Онер Јакуповски
Кривогаштани – Сашо Граорковски
Чешиново-Облешево – Јордан Костадинов
Чашка – Дејан Андоновски











