Велики петок е еден од најголемите христијански празници. Денеска се одбележува во православните цркви.
Денот кога Исус Христот бил распнат на крстот, Велики Петок се смета за најтажниот ден во христијанството и најтежок празник. Верата налага строг пост, само на вода, а верниците треба да се воздржуваат од веселби и прослави, и да не работат поголеми работи во полето и во домот.
Во црквите се читаат извадоци од евангелијата кои ја опишуваат Страдалната недела на Исус.
Велики Петок уште се нарекува и Распет Петок. Во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус.
Во црквите на МПЦ-ОА од утринава се држат литургии посветени на празникот.
На Велики петок треба да им се помогне на оние кои имаат потреба од помош и да се посетуваат и негуваат болните.











