На затворена владина седница денеска се очекува директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски да даде извештај за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Укранинец Олександер Онишченко. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека мора да се утврди одговорност за случајот. Во АНБ, според медиумите, суспендирани се двајца службеници за пропуст во проверката на Онишченко. Дополнително во Собранието во тек е истрага за пренесувањето во живо на Јутјуб на затворената комисиска седница на која Димовски зборуваше исто така за случајот „Онишченко”.
Премиерот Ковачевски изјави дека побрал детален извештај за работата на АНБ.
Потсети дека државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.
Според Ковачевски одговорност за случајот мора да има и оти тоа е работа на анализата, односно истрагата која што таму треба да биде спроведена, која веќе и се спроведува.
Наскоро треба да биде именуван нов директор на АНБ за што е почнат процес на селекција, но смената на Димовски ќе биде поради тоа што тој треба да замине на амбасадорска позиција во Франција.











