Со собирање на потписи продолжува граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ за основање политичка платформа Независни заедно и покрај тоа што Државната изборна комисија вчера донесе правилник со кој се овозможува независните да учествуваат на локалните избори со собрани два граѓански потписи.
„Да, го намалија прагот за учество на изборите, но еве зошто ќе продолжиме да собираме потписи за основање политичката платформа Независни заедно. Овој правилник ќе важи само за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност ’пет до дванаесет’“,
се вели во објавата на „Шанса за Центар“ на нивната фејсбук-страница.
Од граѓанската иницијатива посочуваат дека ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои „група избирачи“ и името и презимето на носителот на листата.
Според нив постои можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите. Како пример посочуваат Билјана Ивановска и Билјана Ивановска, што, како што велат, веќе се случувало на претходни избори.
„Постои можност наместо јасна листа за гласање, да добиеме тетратка со голем број имиња, каде што партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следуваат долги списоци со имиња“,
додаваат од Иницијативата.












