Квалитетно високо образование е приоритет за студентите во Македонија. Покрај ова барање, што е дел од посакуваните реформи во овој сектор, на денешното одбележување на Меѓународниот ден на студентите, од УСС на УКИМ бараат и намалување на големиот број студиски програми, измени во нивниот концепт зашто, како што рече нивниот претседател, се соочуваат со недостаток на практични вештини и со голем број универзитети. А, бараат и промена на концептот на финансирање на високото образование. Универзитетите во земјава од година во година паѓаат на ранг листите , па и тоа е едно од барањата за реформи .
- Нашата цел како УСС на УКИМ, но и како Национално студентско тело, е барем еден до два универзитети да се најдат на најдобро рангираните листи на универзитети. Она што дополнително треба , е промена на концептот на финансирање на високото образование. Ние како Национално студентско тело сметаме дека треба да се воведе бесплатно високо образование за најдобрите студенти , како што е пракса во регионот. Сѐ со цел да ги задржиме студентите тука, рече Александар Николовски -претседател на УСС на УКИМ.
Истражување спроведено од невладиниот сектор, покажува дека одливот на мозоци од Македонија се случува поради ниските плати што ги добиваат младите, но пред сѐ поради недостатокот на можности што го создава високото ниво на корупција. А , решението е во мултисекторско делување, рече претседателот на Младинскиот образовен форум.
- Сметаме дека тоа е едно мултисекторско решение кое треба да работи од секој аспект , за да може да се намалат причините што ги поттикнуваат младите да се иселат од државата, кажа Ристо Савески-претседател на МОФ.
За да се спречи одливот на мозоци и нашите студенти кои се образуваат во странство да се вратат и да го вложат постигнатото знаење дома, од УСС на УКИМ , во соработка со Националното студентско тело поднеле мерка до Министерството за економија и труд во вид на ваучер- систем, со цел младите по дипломирањето да отворат сопствен бизнис и да ја продолжат едукацијата или да основаат старт-апи.
Барањата што ги искажаа студентите ги сочинуваат реформите во високото образование за создавање квалитет. На тоа работи формираното Националното координативно тело, кажа координаторката Солза Грчева.
- За да го постигнеме тоа треба многу работа. Многу работа на сите чинители во образовниот систем, кажа Солза Грчева- Национален координатор за реформи во високото образование.
За повеќе вложувања во науката, можности за искажување на ставовите на студентите и за регионалната соработка , нашите со студенти од регионот споделуваа искуства на трите панели, организирани денеска во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите.
Сотир Трајков











