Талат Џафери работи нестручно и несовесно. Ова го констатира ВМРО ДПМНЕ и утре поднесува интерпелација за неговата работа. Опозицијата е свесна дека нема да биде успешна, бидејќи за неа треба да гласаат 61 пратеник, но сакаат еден собраниски ден да биде посветен на ова прашање. Пред тоа, поточно на 6-ти јуни, за спикерот Џафери ќе расправа и Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Повторно по барање на ВМРО ДПМНЕ, овој пат поради псовките кон собраниските служби.
На адресата на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија утре ќе пристигне список со потписи од пратениците на ВМРО ДПМНЕ, насловен како Интерпелација. Во дописот ќе биде наброено кога и како, според опозицијата, спикерот Талат Џафери го прекршил Деловникот, се однесувал спротивно на Кодексот и е одговорен за неразгледување на информации, отфрлање опозициски амандмани, одземање право на говорење, неупотреба на македонскиот јазик, псовки и навреди за собраниските служби, а кулминација гледаат во заклучувањето на пленарната сала и ограничувањето на движењето на пратениците. Сепак, пратеничката група не верува дека сите пратеници ќе се согласат дека Џафери работи нестручно и несовесно.
Џафери веќе се изјасни дека затварањето на пленарната седница е дозволено со Деловник заради утврдување на бројот на присутни пратеници и дека од службите барал одговорно да си ја вршат работата, за што не е потребно извинување. Владеачките партии се уверени дека Џафери е еден од подобрите претседатели на Собранието. Првото соочување на ставовите ќе биде во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која ќе заседава наредниот понеделник.
Интерпелацијата треба да биде доставена лично до Талат Џафери. Тој има право да даде писмен одговор во рок од 15 дена. Потоа, се става на дневен ред на првата наредна седница. Но, ова деловничко правило не е гарант дека наредниот месец пратениците ќе расправаат за работата на спикерот. Изминативе години, интерпелации за неколку министри беа ставени на седница но никогаш не стигнаа на дневен ред.
Деновиве се чека расправа и за одговорноста на Соња Мираковска, откако нејзините колеги од ВМРО ДПМНЕ `и поднесоа интерпелација заради неделовничко однесување. Таа, како претседател на Комисијата за политички систем, со месеци тврди дека е усвоен дневниот ред и дека може да се разгледа Законот за Академија за судии и обвинители, а опозицијата тоа не го дозволува со постојани процедурални јавувања.
Соња Николовска











