И борбата против корупцијата и за ефикасна правда најде место во празничниот говор за Светите просветители од сакралниот културно-верски објект Света Софија. Премиерот Мицкоски упати порака до еден дел од обвинителството, но и до оние кои и се исмевале на правдата- вели правда мора да има, а обвинителството и институциите треба побрзо да ги разгледуваат жалбите и пријавите на граѓаните, наместо да остануваат во фиоки.
-Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои ѝ се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата. Денес тие се најгласните критичари на Владата и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда. Ним, и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите. Без оглед на тоа какви изговори слушам, трпението е при крај и јас внимателно следам, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Во краткиот антикорупциски сегмент од говорот посветен на празникот на Свети Кирил и Методи, немаше прецизирање за кои случаи и за кои обвинети се однесува констатацијата дека и се исмеваат на правдата. Изостана и прецизирање на дел од обвинителството кое не работело, додека трпението на премиерот истекува.
Последен случај кој предизвика големи јавни, политички и експертски реакции беше запирањето на истрагата за мазутот, Капушевски, Јахоски, Ковачевски и за штета од над 167 милиони евра според пријавата на МВР.
Случајот го запре обвинителката Катерина Коларевиќ во ОЈОГОКК раководено од Ислам Абази. Од двајцата, владеачката партија бараше оставки, но тие тврдеа дека немало докази за штета и за обвинение поради искази на вработени во ЕСМ.
Од друга страна, премиерот обзнани дека остварил телефонски разговор со државниот обвинител Ненад Савески кој го информирал дека случајот е затворен, по што следуваа експертски критики за влијание врз истрагите од страна на извршната власт.
Разногласијата меѓу ОЈОГОКК водено од Абази и и извршната власт, односно полицијата и МВР продолжи и со истрагата за копирање на документи во претседателскиот кабинет на Силјановска за што се истражува улога на информатичар од кабинетот.
Обвинителството тврди дека два месеци чека вештачења од МВР за чувствителната предистрага поврзана со државен интерес, а МВР пак реплицираше дека работи и најбрзо што може ќе ги сподели сознанијата од прегледување на телефони и компјутери од кабинетот.
Миомир Серафиновиќ











