Во сабота, на Илинден нема да се одржи „Маршот на ангелите“ во Кочани во чест на жртвите на катастрофалниот пожар, известија родителите на настраданите младинци.
Во продолжение известувањето:
Драги поддржувачи, сограѓани и пријатели,
Во име на сите мајки, татковци и семејства кои ги загубија своите најмили во трагедијата во Кабарето „Пулс“ на 16 март, сакаме да ве известиме дека оваа сабота, 2 август 2025, нема да го одржиме редовниот „Марш за ангелите“.
Причината е државниот празник 2 Август – Илинден, ден кој го слави духот на борбата за слобода и достоинство. Веруваме дека овој ден заслужува тишина и почит, но и потсетување дека вистинската слобода доаѓа само кога има правда за невините, кога гласот на жртвите не е замолчен, туку чуен.
Иако овој викенд нема да бидеме на улиците, нашата болка, љубов и борба не престануваат. Продолжуваме следната сабота – посветени, обединети и гласни – во име на сите што беа неправедно одземени.
Ви благодариме за вашата поддршка и разбирање.
Да бидеме достоинствени како нивната љубов и силни како нивниот спомен.
Со почит,
Родителите на трагично загинатите деца во дискотека ПУЛС Кочани
Секоја сабота, родителите на загинатите, повредените, нивни роднини, но и гражани организираа марш низ кочанските улици за да ги потсетат институциите на пропустите пред трагедијата во Пулс и да искажат незадоволство од делови од истрагата и полициските активности.











