По спроведен мониторинг , власта затвори 5 приватни институти, а можно е по три месеци да затвори уште 10. Ова синоќа во „Топ тема“ го кажа министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Според неа поради неактивност и неисполнети услови за работа затворени се: Институтот за бизнис – економија, Институтот за геобиологија, археологија, подземни води и екологија, Институтот за мода и моден дизајн, Институтот за одржлив развој и унапредување на климатските промени и Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност.
Како што кажа министерката, научните институти треба да се бават со наука, да имаат програма за работа со истражувања, да покажат резултати од истражувањата и да објавуваат трудови за да се види сработеното.
Овие пет немаат такво нешто, што значи не исполнуваат услови. И тие што подработувале, работеле некакви ситни проекти и веројатно колку да опстојат сопствениците, оние што ги основале тие институти. И нема причина да се водат како научни институции во регистарот на нашите научни, високообразовни институции, кажа Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Мониторирани биле уште 15 институти и од тоа што министерката го прочитала во извештаите на комисиите. Верува дека 10 од нив исто така ќе бидат затворени поради неисполнување на просторните стандарди и програмите за работа.
Сите 15 институти добиле 3 месеци да се корегираат и доколку успеат, ќе продолжат да работат, а за 10 меѓу нив, тоа ќе биде тешко, потенцира Јаневска.
Таа завчера кажа, а вчера повтори дека по спроведениот надзор во една образовна институција, членовите на комисијата добиле закани. Но, процениле дека заканите не се сериозни и за да ги заштитат членовите на комисијата, кои по три месеци ќе го повторат мониторингот во институцијата, не го пријавиле случајот во полиција.
Дозволивме да се повтори процедурата која мора да се повтори, тие мора уште еднаш да отидат. Да видиме што ќе се случи. Не верувам дека ќе се случи нешто драматично. Но, ако се повторат заканите, секако ќе бидат пријавени, колку и да се лесни, рече министерката Јаневска.
Вчера во Собранието поминаа 5 закони, меѓу кои и Предлог – измените на Законот за основно образование. Опозицијата критикуваше дека со него се врши дискриминација на учениците со попреченост, дека тој води кон враќање на специјалните училишта и прави стрес кај родителите околу достапноста на образовните асистенти и побара негово повлекување за доработка.
А, министерката кажа дека со законот се решава проблемот со физичкото одвојување или сегрегацијата на учениците од етничките заедници, во однос на учениците Македонци.
Со законот е решена и инклузијата на учениците со попреченост, кои доколку неможат да посетуваат настава во редовни училишта, со дозвола на родителите и на Комисијата за проценка на функционалноста, ќе учат во регионалните ресурсни центри.
А, ќе се отворат постепено и Општински ресурсни центри. Од законската регулатива отстранет е и спорниот член за заменски наставници за време на штрајк, дополни министерката за образование и наука.
Сотир Трајков











