Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Европа „мора повторно да развие вкус за ризик, амбиција и моќ“ и да ја отфрли зависноста од САД, пренесува БФМ ТВ. Неговите пораки доаѓаат во време на големи геополитички промени, односно во момент кога Трамп ја доведува во прашање досегашната американска политика кон Украина и Русија, како и преиспитување на посветеноста кон трансатлантската безбедност.
Во говор за време на дводневната посета на Португалија, Макрон истакна дека „Европа мора да биде пообединета и посилна од било кога“ и да преземе одлучни чекори во технолошкиот, индустрискиот и одбранбениот сектор.
„Гледам луѓе во Европа како велат „мора да бидеме пољубезни кон Американците, тоа ќе мине, мора да се усогласиме““, рече Макрон, но додаде дека „покорноста не е решение“, предупредувајќи ја Европа дека „не смее да падне во вазалски однос“.
Посетата на Макрон на Португалија доаѓа по неговото патување во Вашингтон, каде се обиде да го убеди Трамп да се обврзе на безбедносни гаранции за Украина по војната. Според извори во Европската Унија, францускиот претседател не успеал да добие јасно ветување од Трамп додека анонимен европски функционер ја опиша неговата посета на САД како „губење време“, пишува „Полтико“.











