Германија не гледа причина за олабавување на санкциите против Русија, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, нагласувајќи дека солидарноста со Украина мора да има предност и покрај притисокот од глобалните енергетски пазари.
„Доколку американско-израелската војна во Иран заврши брзо, ќе видиме релативно брзо враќање кон нормализација на пазарите на нафта и енергија. Затоа нема причина да се размислува за ублажување на санкциите против Русија“, истакна Мерц.
Тој рече дека соочена со избор помеѓу санкции и солидарност, ставот на Германија е јасен, дека стои зад Украина и подготвена е да издржи таква фаза доколку е потребно.
Американскиот претседател, Доналд Трамп синоќа изјави дека неговата администрација ќе се откаже од одредени санкции поврзани со нафтата со цел да ги намали цените.
Изјавата е дадена во време кога цените на нафтата растат откако САД и Израел го нападнаа Иран, а потрошувачите плаќаат сè поскапо гориво на пумпите, објави „Си-Ен-Ен“. Трамп не прецизираше кои санкции ќе бидат укинати.











