Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Мицкоски: В среда во Уставен нема ништо да се случи, со „Вреди“ разговараме за јазиците, ДУИ ќе продолжи со политички маневри

/

пред 685 дена

Сподели преку :

Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција, истакна дека со коалицискиот партнер „Вреди“ разговараат за Законот за употреба на јазиците, кој в среда (11 декември) ќе биде на дневен ред во Уставниот суд, но порача дека никој не треба да интервенира кај Судот за оваа „тековна постапка“.

Рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници. Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и дека такви обиди ќе има и во иднина од таа политичка партија.

„Затоа што принципот „како до сега“ заврши на 8 мај и тој принцип е поразен. Но, сè уште покажува знаци на живот и гледаме дека единствената тема со која Демократската унија за интеграција е присутна во јавност е да направат одредена поделба по етничка основа, ги третираат само етничките прашања, затоа што на друг начин не можат да привлечат внимание, ниту да наметнат тема, ниту да привлечат луѓе коишто ќе ги поддржуваат. Бидејќи се обидоа со „зелената агенда“, видовте како завршија, и се вратија во опозиција на единствената тема којашто за нив можеби носи некаков резултат“, рече Мицкоски.

Според него, ДУИ се обидува да направи две работи – да ги подели граѓаните, за што, рече, од фотографии се видело дека високи претставници на ДУИ се имаат сликано со „насилниците што го палеа државното знаме“ и дека тоа е „јасен индикатор кој стои зад сето тоа, што го потврдуваат и информации од МВР“.

„Втората теза е дека тие, ДУИ, бидејќи 20 и кусур години поставуваат судии, знаат дека ништо нема да се случи во среда. Па кога ништо нема да се случи во среда, бидејќи се знае какви се процедурите на Уставниот суд итн., ќе излезат во јавноста и ќе кажат: „Еве ние правевме притисоци и затоа сега ништо не се случи во среда“. Затоа што за било што да се случи и за било кој да направи нешто таму, потребни се уште неколку чекори за да дојдеме до било каква акција. Во среда нема ништо да се случи, затоа што има подготвителни седници итн., итн. Но, тие повторно ги злоупотребуваат Албанците, но и Македонците, но и останатите ги малтретираат во државава со обид за поделба и да привлечат кон себе внимание“, истакна Мицкоски.

Сите граѓани ги замоли да бидат спокојни затоа што, рече, „ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал, кој набргу од денеска ќе почне да се обелоденува“.

„Без разлика што се тие жилави, имаат свои инфилтрати во Обвинителството и во судството, без разлика колку ќе трае оваа наша борба, ќе ги поразиме. И едните, кои се слуги на овие, но и овие. И мора јавноста, и Македонците, и Албанците, но и сите останати, да ја дознаат вистинската вистина што се крие зад оваа хајка на овие политички профитери. И многу скоро од денеска ќе се дознае“, рече Мицкоски.

Очекува ДУИ и неговото политичко раководство во наредниот период „да продолжи со политички маневри на истата оваа тема“.