Првоаприлска шега, вака премиерот Христијан Мицкоски, ги искоментира најавите на дел од бугарските политичари дека ќе бараат исфрлање на ВМРО-ДПМНЕ од Европските народни партии по изјавата на вицепремиерот, Александар Николовски, во која бугарските домаќини за време на посетата на македонската претседателка во Софија ги нарече нецивилизиарни, непристојни и мизерни.
„Па добро тоа сега, не е април, тоа би била добра првоаприлска шега“, рече Мицкоски.
Мицкоски иако даде подсмешлив одговор на реакциите на дел од политичкиот естаблишмент во Софија, сепак се воздржа од директен коментар на барањето на поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, за оставка на Николовски како чин на извинување кон Бугарија и се повика на одговорот кој македонскиот вицепремиер вчера му го упати на Борисов, во кој Николовски го оквалификува поранешниот бугарски премиер како недостоен да бара неговат оставка поради тоа што е обвинет за криминал и корупција.
„Мислам дека потпретседателот Николовски даде одговор на тезата на г-динот Борисов, јас не би имал што повеќе на тоа да додадам“, рече Мицкоски.
За последните изјави од Македонија кон Бугарија пак коментар даде бугарскиот техничкиот премиер, Димитар Главчев, според кого тие нема да и помогнат на патот на Македонија кон ЕУ.
„Не сметам дека тонот кој во последно време го користат ќе им помогне да станат земја-членка на Европската унија. Не станува збор ниту за некакви нови преговори, мислам дека направивме доволно компромиси со нашиот национален идентитет. И тие, едноставно, треба да ги испочитуваат барања на ЕУ за да станат земја-членка за Унијата“, изјави Главчев.
Во контекст пак на македонскиот пат кон ЕУ, премиерот Мицкоски кој вчера во Брисел имаше неколку работни средби со европските претставници денеска информираше за пораката која им ја пренел, дека ако ја сакаат Македонија во ЕУ, постои начин.
„Повеќе ултиматуми немаме намера да прифаќаме, барем јас додека ја водам македонската влада. И на моите соговорници им кажав дека повеќе не можеме пред нашите граѓани да излеземе и да ги браниме двојните стандарди. Ако важи принципот ‘pacta sunt sеrvanda’ за Преспа, тогаш треба да важи принципот ‘pacta sunt sеrvanda’ и за договорот за добрососедство. Нека ми каже еден во Брисел каде во тој ‘pacta’ стои дека ние треба да го промениме Уставот. Нека не ми споменуваат предлози, друго е Францускиот предлог, тоа е предлог не е ‘pacta’, не е договор“, изјави Мицкоски.
Мицкоси иако кажа каква порака им пренел во Брисел, денеска не кажа каков одговор добил на неа од европските претставници.
Тамара Грнчароска











