Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Милеска: Имаме политики на хартија, но без буџет и имплементација тие не значат ништо

/

пред 158 дена

Сподели преку :

Недовербата на младите во институциите и јазот меѓу стратегиите и реалноста беа клучните пораки на Теодора Милеска од Мрежа Стела во дебатата „Топ Тема“ на Телма. Милеска посочи дека секојдневните проблеми со кои се соочуваат младите директно влијаат врз перцепцијата за институциите. Според неа, младинските политики формално постојат, но нивната реализација е сериозно проблематична.

„Од младински политики најчесто имаме ПДФ документи што може да ги најдеме во министерствата, но не и вистинска имплементација“, рече Милеска.

Таа потсети дека и покрај постоењето на закон и стратегии, како и изработката на акциски план, резултатите се ограничени поради недостиг на ресурси и јасна реализација.

„Не ни требаат само политики – ни требаат процеси, капацитети и луѓе што ќе ги спроведуваат, но и буџет. На голем дел од мерките стои дека нема буџет“, нагласи Милеска.

Говорејќи за личната дилема дали да остане или да замине, Милеска откри дека се наоѓа во фаза на преиспитување по завршувањето на студиите.

„Кога бев средно имав силна желба да заминам, потоа одлучив да останам и да се борам, но сега повторно сум на порив да си заминам затоа што не гледам дека можам да растам и да се развивам повеќе во ова општество“, истакна таа.

Таа додаде дека дел од образовните можности што ги бара не се достапни во земјата, а и професионалниот развој често е ограничен.

„Сакам еднаш нешто да помине лесно, еднаш да бидеме слушнати и да се согласиме. Некогаш се уморуваме да бидеме тие што постојано ја туркаат работата“, рече Милеска.

Таа заклучи дека и покрај заморот, неопходно е да се реагира и да се преземаат чекори кога состојбите не се задоволителни, но без суштинска поддршка од институциите, младите сè почесто ќе ја гледаат иднината надвор од државата.

Т.Д.