Министерство за култура се уште ја чека документацијата на град Скопје за времено преземање на Универзална сала и покрај тоа што поминаа два месеца по ставот на Град Скопје дека целата процедура е во финална фаза.
Во континуитет се обидуваме да комуницираме со службите на Град Скопје и немаме никаков одговор, вели Костадиновска- Стојчевска на брифингот со новинарите. Во меѓувреме Министерството за култура испратило и договор за примопредавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала до Градот.
Се дури нема вистински увид на Универзалната сала, не може да се направи никаков акциски план, велат од надлежното министерство.
- Во јуни месец годинава добив две известувања од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) дека Универзална сала веќе е во опасност дека може да падне. Многу долго е отворена, а следува време на зима, на дождови, на ветрови и на снегови и мора да се затвори. Затоа, јас неколку пати се јавував, апелирав и на последната прес-конференција, градоначалничката Арсовска рече дека службите го подготвуваат процесот. Но, Универзална сала уште е на Град Скопје – Бисера Костадиновска – Стојчевска, министерка за култура.
Најдоцна до март се очекува да го посетат Скопје и експертите на Европската комисија за да извршат увид со што постои опасност Скопје да ја изгуби титулата, доколку имаме предвид дека токму Универзална сала е носител на избраната апликација за титулата „Скопје европска престолнина на културата 2028“ .
Град Скопје со свој став за причините за попречување на реконструкцијата на Универзална сала:
- Град Скопје: Процесот на реконструкција беше попречен од проектот на претходното градско раководство, кој е дониран на Градот во 2021 година и содржи суштински недостатоци, поради кои беше оневозможено продолжувањето на реализација на реконструкцијата, што е констатирано уште во август 2021 година. Проблемот од 2021 година креиран од донираниот проект во претходниот мандат беше надминат со Одлука од Советот на Град Скопје со која реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала ќе ја преземе Министерството за култура, кое по реализација на реконструкцијата на објектот, истиот ќе го врати во владение на Градот Скопје.
Министерката за култура Костадиновска- Стојчевска се надева дека уште утре претставници на Министерството за култура ќе имаат состанок со претставниците на Градот, со што би имало и можно решение на повидок.
Нина Стефанова











