Синот на Ајатолахот Али Хаменеи, ликвидираниот ирански врховен лидер, Моџтаба Хаменеи е фаворит да го наследи својот татко на врвот на режимот, пренесуваат западните медиуми извори од Техеран. По убиството на Ајатолахот Хаменеи, на самиот почеток на војната со Израел и САД, Техеран веднаш соопшти дека привремен, транзиционен совет го презел управувањето со земјата, додека започнува процесот да се избере новиот врховен лидер, за што се верува дека може да биде направено за само неколку денови. Денеска исто така започнува и тридневната погребна церемонија за Ајатолахот.
Во меѓувреме, Соединетите држави и Израел продолжија да бомбардираат во Техеран фокусирајќи се на цели на Исламската револуционерна гарда. Втората важна цел на американските напади е иранската морнарица, поради потенцијалот да го затвори Ормускиот Теснец и да нанесат значителна економска штета и на без тоа веќе вознемирените пазари.
„Исто така ја потопуваме иранската морнарица, целата иранска морнарица. До сега имаме уништено 17 ирански бродови, вклучувајќи ја и најоперативната иранска подморница, која сега има дупка на нејзиниот труп. Со децении иранскиот режим го попречуваше меѓународниот поморски транспорт. Денеска нема ниту еден ирански брод во Арапскиот залив, Ормускиот Теснец или Оманскиот залив“, изјави Адмирал Бред Купер, шеф на Централната команда на американската армија.
Соочен со овој притисок врз своите вооружени сили на домашен терен, Иран продолжи со нападите врз своите соседи, и иако Техеран инсистира дека таргетира американски цели на нивна територија, најголемата нанесена штета е врз цивилната инфраструктура на тие држави.
„Мислам дека изминативе денови, изминатиов период, особено последните неколку денови, можеме да видиме како регионален и меѓународен проблем и зака претставува Иран, исто како што претставува и за Израел. Ова не е само израелски проблем, туку проблем на целиот регион. Изминативе неколку денови тие ги интензивираа нападите врз Ријад, Абу Даби, Бахреин, Катар, врз цивилите, граѓаните на арапските држави, и врз граѓаните на Израел исто така. Ова само докажува дека Иран е режим на теророт“, соопшти Бригаден Генерал Ефи Дефрин, портпарол на ИДФ.
Откако беше цел на закани од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, дека ќе нареди запирање на целата трговска размена меѓу двете земји, шпанскиот премиер Педро Санчез продолжи да ја критикува американско – израелската операција во Иран. Споредувајќи ја со војната во Ирак, во 2003 година, Санчез рече дека си показатели посочуваат оти и оваа војна нема да ги постигне своите цели и само дополнително ќе ја зголеми мизеријата и страдањата на цивилното население ширум Блискиот Исток.
„Вистина е дека е сѐ уште прерано да се каже дали војната во Иран ќе има слични последици со таа во Ирак, дали ќе успее да го предизвика падот на овој ужасен режим на ајатоласите во Иран, или ќе го стабилизира регионот. Тоа што го знаеме е дека така нема да се постигне поправеден меѓународен поредок, ниту пак ќе резултира со поголеми примања, подобри јавни услуги или поздрава животна средина. Всушност, тоа што во моментов можеме да го предвидиме е поголема економска несигурност, повисоки цени на нафтата, и на природниот гас“, потенцираше Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Израел значителен дел од своите напори насочи во Либан, против Хезболах кои започнаа да го гранатираат северниот дел од еврејската држава во поддршка на Иран. Израелските медиуми соопштуваат за жестоки копнени борби меѓу израелксите војници, испратени да заземат полесно одбранбени позиции во јужен Либан, и борци на Хамас, зголемувајќи ја загриженоста на меѓународната заедница од повторно избивање на конфликтот од 2024 година, кога Израел срамни голем број либански села долж границата во обид да ги пронајде и неутрализира бункерите и складиштата на Хезболах.
Игор Трајков
Дигитална обработка: T.Д.











