Русија ќе побара клучни промени во најновиот мировен план на САД за завршување на војната во Украина, јавува „Блумберг“, повикувајќи се на извор близок до Кремљ.
Според изворот, документот од 20 точки изготвен од Украина и САД се смета за почетна основа за преговори, но не ги вклучува прашањата што Москва ги смета за суштински. Меѓу руските барања се гаранции против идно проширување на НАТО на исток, како и воена неутралност на Украина во случај на нејзино членство во Европската Унија.
Кремљ, исто така, очекува ограничувања за големината и типот на вооружувањето на украинските сили, како и јасни гаранции за статусот на рускиот јазик во Украина.
Дополнително, Русија бара разјаснување околу укинувањето на западните санкции и судбината на замрзнатите руски државни средства.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека и понатаму постојат разлики со САД околу територијалните прашања и управувањето со нуклеарната централа Запорожје, но нагласи дека разговорите се значително приближени до финализирање на мировниот план.











